Изложба, промоција и тркалезна маса инспирирани од „Македонка – Орган на АФЖ“

Во Музејот на Македонија денеска во 12 часот ќе биде ќе одржи промотивен настан со фокус на сеопфатно истражување на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“. Ќе биде отворена изложбата „Документот кој недостига“ на уметницата Христина Иваноска и ќе се одржи тркалезна маса насловена „Перспективи на истражувањето на првото македонско женско списание ,Македонка – Орган на АФЖ’: индивидуална, институционална и јавна димензија“.

Дискусијата е по повод промоцијата на зборникот на научни трудови во издание на ЦИНИК-Скопје, насловен „Архиви на невидливите: „Македонка – Орган на АФЖ“ (1944-1952): историски искуства и културна меморија“.

Зборникот тематски и критички пристапува на историјата на списанието „Македонка“, а го изготви тим од пет истражувачи – Ивана Хаџиевска (политичка историја), Јана Коцевска (социјални аспекти), Дарко Леитнер-Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Во зборникот се застапени релевантни излагања на регионални истражувачки, низ предговорот на д-р Ивана Пантелиќ од Институт за современа историја на Србија и поговорот на д-р Јелена Милинковиќ од Институт за литература и уметност од Белград.

На тркалезната маса, покрај Хаџиевска, Коцевска, Леитнер-Стојанов и Иваноска ќе учествуваат и д-р Јелена Милинковиќ, поранешна претседателка на Сојузот на борци, д-р Билјана Котевска, експертка за родова еднаквост и јавни политики и д-р Душица Лазова, соуредничка на Медуза.мк прва македонска дигитална феминистичка платформа. Дебатата ќе ја модерира Ана Василева.

Настанот го организира Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), во партнерство со Музејот на Македонија и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ во организација на „Тиииит! Инк“.

Сподели