„Високо во ничија земја“ од Сашо Блажес во Чифте амам

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија утревечер во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Високо во ничија земја“ од Сашо Блажес. Тој ќе се претстави со 36 дела работени во комбинирана техника (масло, акрилик и колаж на платно и масло на најлон). Иако се во извесна корелација со различните дефиниции на терминот, сепак конкретно се однесуваат на денешната „нова“ реалност врз состојбата на индивидуата во светот (земјата) кој е ничиј и сечиј, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, во текстот во каталогот.

– Временскиот период во кој авторот го започнува овој циклус, се совпаѓа со владеењето на корона кризата во светот, состојбата на глобално ниво на општество во време на пандемија и социјална изолација, влијанието на безбројните информации врз психичката состојба на личноста и vice versa, во насока на тенденциозна деструкција на индивидуалноста. Надоврзувајќи се врз концептниот континуитет на неговите претходни дела, авторот негува специфичен однос кон површната појавност низ историјата на уметноста и масмедиумите, како „огледала на реалноста“, „наративи“, „различни реалности“, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти – вели Чанкуловска-Михајловска.

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006 година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано четиринаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки во Норвешка, Јужна Африка и Романија. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството.

Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 10 ноември.