Во просториите на PrivatePrint вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Земјата во нашите џебови“ и ќе се одржи промоција на книгата „Меланхолија на напуштените краишта“ од од Невена Алексовски. Изложбата е во рамките на 10. издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“ организиран од „Тиииит! Инк“. Куратор на изложбата е Јана Старделова.

Невена Алексовски е словенечка уметница со македонско потекло, активна на словенечката независна уметничка сцена со бројни самостојни и групни изложби. Со изложбата „Земјата во нашите џебови“ ги истражува нејзините семејни корени, потеклото и припадноста и на односот кон земјата.

– Тргнувајќи од сопственото и семејното искуство на преселба, таа го претставува сложеното преплетување на историјата, родот и личните географии, дополнето со разновидни социо-политички пластови. Заедно со изложбата ќе ја промовира и својата книга „Меланхолија на напуштените краишта“, која дополнително ќе овозможи да ги проследиме патеките и личната динамика на нејзините претци – велат организаторите.

Невена Алексовски

Изложбата всушност е проучување на односот со почвата, територијата, просторот, како и со ограничувањето, присвојувањето и исклучувањето. Преку уметнички приказ на личното преселничко искуство, односот со претците и со семејната историја, таа се обидува да упати на универзалноста во овие искуства. Алексовски внимателно поставува предмети кои носат познати приказни и кои се мост помеѓу нејзините и нашите семејни спомени. Овој проект овозможува да биде документиран единствениот пат на раскопување низ минатото кое авторката го прави за прв пат. Преку процесот, движејќи се низ наметнатите граници кои ги создадаваат луѓето, таа отвора простор за нови спомени, градејќи ги врз животите што нејзините претци ги живееле пред неа.

Излоѓбата ќе биде отворена до 12 ноември, од среда до сабота, од 12 до 18 часот.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.