„Рефлексија“, изложба на Жарко Башески во Приштина

Во Националната галерија на Косово во Приштина вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Рефлексија“ со дела од склупторот Жарко Башески. Интересот на неговата уметничка дејност е свртен кон човекот, оттаму произлегува и интересот за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во кој што живееме.

– Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи во земјава, регионот, Европа и светот. Башески беше претставник на Македонскиот павилјон на 54. Биенале во Венеција во 2011 година. Со учеството на изложбите „50 години хиперреалистична скулптура“ на кои изложуваат влијателни уметници како што се Рон Мјуик, Маврицио Кателан, Двејн Хенсон, Аи Веивеи и многу други, Башески го привлекува вниманието на галериите и музеите и постојано е присутен на значајни изложби во репрезентативни изложбени простори – велат од Националната галерија на Македонија, организатор на претставувањето.

Башески е роден во Прилеп во 1957 година. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на Катедрата за вајарство. Од 2000 година е редовен професор на ФЛУ. Автор е на повеќе од дваесетина споменици и јавни скулптури кои се поставени во неколку градови во државата.

Фото: Национална галерија на Македонија