Слики и цртежи од Виктор Јаневски во МКЦ

„Моменти на магично присуство“ е насловот на изложбата на слики и цртежи од Виктор Јаневски која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Тој ќе се претстави со дела создадени во последниот период. Ова е негова трета самостојна изложба, а конципирана од неколку цртежи и поголем број слики изработени во акрилна техника.

Според Конча Пирковска, историчарка на уметност, насловот на изложбата и мотивите во сликите, реферираат на лавирањето помеѓу реалноста и фантазијата.
– Во тој слободен, духовно изолиран паралелен свет или во тој реално-иреален „остров на уметноста“, Јаневски ни ги манифестира миговите на своето интимно магично доживување во процесот на креирањето на делата. Рефлексијата на магијата може да ја детектираме во варирањето на колористичката експресија, во прелевањето и лавирањето на боите, во различната морфологија на елементите во композициите коишто се артикулирани низ стилските разлики – вели таа.

Јаневски е роден во 1994 година во Скопје. Завршил cредно уметничко училиште во Скопје, дипломирал вајарство, а магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до 18 април.