Во Културно-информативниот центар во Битола вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Словенечки уметници – антологиски избор на графика“. Ќе бидат изложени дела на еминентни графичари од Словенија, автори од различни генерации кои со својата работа, стил и автентичен израз дале неповторлив придонес кон развојот на светската графичка уметност.
Изложбата се организира по повод 31 година од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Словенија, а ја организираат КИЦ од Битола и словенечката амбасада во земјава.
– Денешната современа словенечка графика има длабока поврзаност со сите етапи на нејзиното изразување од минатото. Таа е специфична, оригинална и единствена целина, која најдлабоко и автентично го изразува словенечкиот креативен универзум. Преку повеќеслојниот експресионизам, особено изразен во директниот графизам (дрворез, линорез), таа жестоко се соочува со толкувањето на животот, низ сите социјални, егзистенцијални, филозофски суштини во период од крајот на 19 и почетокот на 20 век, со што е дел од оние ликовни струења кои што денес ја обележуваат вистинската уметност не само на европскиот континент. Тоа не е паралела туку дел од овој значаен дијалектикум – велат организаторите.
Ќе бидат изложени дела од: Чртомир Фрелих, Иво Мршник, Андреј Јемец, Јанко Орач, Самуел Грајфонер, Мојца Злокарник, Франко Векиет, Весна Дрновшек, Нина Кожељ, Аља Кошар, Тина Мохорович и од Зора Станчич.
– Иако во минатото опкружена со доминантните: виенска, минхенска па и римската ликовна школа силно присутни во европскиот ликовен „дизајн“ и скоро безгрижно разубавување на стварноста, словенечката уметност по својата ангажираност и длабокото понирање по смисолот за вистинското опстојување, се издвојува како самостоен, директен, посебен сликарски дигнитет. Таа нејзина неприкосновена предодреденосткон „современоста“ кон ликовна и творечка: искрена, чиста, неспоредлива ликовна врска која совршено се движи низ минатото, сегашноста и иднината,синтетизираќија словенечката посебност во своевиден ликовно-творечки универзум кој што и денес е посебен феномен во светски рамки – велат организаторите.