„Лирски експресии“ е насловот на изложбата од Владимир Величковски која вечерва во 19 часот ќе биде отворена во КСП „Центар Јадро“. Тој ќе се претстави со селекција од слики и цртежи работени во изминатите неколку години. На отворањето Величковски ќе го изведе и социјалниот перформанс „Идентитет“.

Во својот осврт кон творештвото на Величковски, Вера Симовска истакнува:
– Тој сопствената вибрација на личното егсистирње и откритието дека постои како свесно суштество ја изразува преку сликарски потези со повлекување на линии кои кореспондираат со неговата свест-потсвест како уловени музички вибрации или бранови на менталното искуство под инспирација на одредена музика. Боите и повлечените линии можат да дадат форми што само се наѕираат или да доловат одредени ликови. Секоја боја е можност да се повлече линијата на животот, односно да се даде печат на уште едно искуство – шишува Симовска.

Владимир Величковски (1949, Скопје) е историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976-1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари. Активно работи и изложува од 1973 година. Објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, и автор на повеќе тематски и групни изложби. Изложбата ја организираат КСП „Центар Јадро“ и Здружението „Училница осум 8“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.