Ликовна изложба од тројца ликовни уметници, сите со исто презиме, e отворена во ликовната галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Мирко и Лидија, и нивниот син Марко Вујисиќ ги претставија своите дела пред прилепската публика.

Лидија Вујисиќ се претставува со дела изработени во цртачката техника во пастел. Тематски го заокружува концептот од циклусот насловен како „Ние во огледала“ во кои изложува галерија на ликови од професионалните дејности од сфера на културата: музика, актерство и ликовни уметности.

Вујисиќ е родена во 1957 во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на графичкиот оддел во 1985 година. Предава во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Мирко Вујисиќ создава визуелен исказ врз суптилен колорит во кој се среќаваат и сплотуваат спротивностите помеѓу автоматскиот принцип на бележење на импулсите и воспоставување на рамниште со длабоки лавиринти во сопственото битие. Тој е роден во 1957 година. На Педагошка академија дипломирал во 1979 година, а во 1984 дипломирал во првата генерација на ФЛУ во Скопје на одделот за графика. Во 1998 магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Тој е редовен професор на ФЛУ во Скопје. Предава цртање, графика и графички техники.

Марко Вујисиќ e роден во 1994. во Скопје. Завршил во средното уметничко училиште Лазар Личеноски“. Студирал во Белград на ФЛУ на графика и сликарство од 2013 до 2015 година. Завршил СЕМОС Академија за графички и веб дизајн во Скопје. Студира сликарство на ФЛУ во Скопје. Професионално се занимава со графички дизајн, сликарство, графика, повремено изработува графити и мурали. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.