Изложба на слики од основоположниците, и од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници ќе биде отворена денеска во 12 часот во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Ќе бидат изложени дела во дела се чувствува влијанието на Париз и тоа од Димитар Пандилов-Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Томо Владимирски, Борко Лазески и од Лена Стефанова. Изложбата се организира по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Франкофонијата, а ќе ја отворат директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Изложбата е насловена „Париски рефлексии“. Париската школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност. Изложбата ја организира Националната галерија во соработка со Француски институт во Скопје.
Насловна фотографија: НГМ