Изложба на новосадскиот уметник Горан Деспотовски во Чифте амам

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата Subscript на новосадскиот уметник Горан Деспотовски. Изложбата има ретроспективен карактер и се протега низ корпусот на неколку негови дела, главно во инсталацијата. Во најголем дел од реализираните инсталации и објекти, авторот ја претставува личноста, групата, масата луѓе во форма на кукли што го контекстуализираат присуството на лице/а во одреден простор, но без него/нив во буквална смисла. Куратор на проектот е Ана Франговска.

– Луѓето формирани на овој начин и замислени во група, преку нивниот став, состојба, облека, изразуваат чувство што може еднакво да се идентификува со состојбата на група во редови, кампови, затвори, болници, чекалници и слични околности и места. Примарен извор за таквото претставување на група луѓе се разните бурни и репресивни состојби што му се наметнуваат на човекот. На овој начин, Деспотовски ги поврзува општите места на исцрпеност на човекот во губењето на идентитетот, кога со друго лице/а создава безлична група луѓе без идентитет – велат организаторите.

Горан Деспотовски (1972 година, Вршац, Србија) дипломирал на Факултетот за ликовни и применети уметности во Белград (1995); на Академијата за уметности во Нови Сад завршил основни академски (1999) и магистерски студии по сликарство (2003), по што се стекнал со титулата доктор на уметности – ликовни уметности (2018). Вработен е на истата Академија (од 2004 година). Од 2019 година е избран за редовен професор на Катедрата за сликарство. Деспотовски е претседател на Друштвото на ликовни уметници на Војводина (од 2017 година). Организирал шеесетина самостојни и учествувал на неколку колективни изложби во својата земја и во странство. Добитник е на многу награди во областа на ликовната уметност.
Изложбата во Чофте амам ќе биде отворена до 28 октомври.

Сподели