„Неподнослива празнина“ е насловот на самостојната изложба на ликовната уметница Дијана Томиќ-Радевска што ќе биде отворена вечерва од 20 до 22 часот во галерискиот простор на Музејот на град Скопје. Авторката ќе се претстави со својот мултимедијален проект каде се поставени во целина на мислата 10 објекти и асамблажи, повеќе цртежи и графики изработени во сито техника и видео како единствено визуелно доживување.

– Речиси и да не постои важно уметничко дело во целокупната историја на уметноста кое својот естетски модус го втемелува на етички прашања, без некое претходно доживување на голема загуба. Таков е случајот и со изложбата под наслов „Неподнослива празнина“ преку која Дијана Томиќ-Радевска го дава својот уметнички одговор на прашањата кои имаат суштествен етички предзнак. Во нашите разговори при подготвувањето на оваа значајна изложба, таа искрено и храбро ги сподели своите најдлабоки рефлексии… – пишува Маја Бојаџиевска, авторката на текстот во каталогот за ова претставување.

Таа потенцира дека Томиќ-Радевска, со храбрата и соголувачка концепција на изложбата се обидува да ја сочува лириката на суштествената комуникација која не се одвива преку машини и нѐ поканува одново да се сретнеме – не како индивидуи со гол живот, туку како човечки битија загрижени за другите човечки битија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.