Трајче Чатмов го претставува своето творештво во Чифте амам

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од Трајче Чатмов. Тој ќе се претстави со повеќе од 70 дела, во кои се насетуваат рефлексии на духовноста, минатото, историите, легендите, митовите. Изложбата ќе ја отворат Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметност и виш кусотос во Националната галерија и академик Катица Ќулавкова. Двете се авторки на текстовите за изложбата.

Најновото претставување на Трајче Чатмов со циклусот „Религија, митологија и слободна мисла“, како што упатува и самиот наслов, го обработува концептот на уметноста и на историјата на западноевропската уметност, вели Чанкуловска-Михајловска.

Трајче Чатмов

– Тој се базира на двата основни, секогаш присутни, од своето просторно-временско создавање, а до денес неисцрпни културни меганаративи – античката и христијанската митологија. Земајќи го предвид богатството на легенди, митови, претстави, иконографија и знаковност, како фрагменти од „големата слика“, Чатмов успева да ги спои овие две базични, навидум спротивставени позиции. Сепак поврзувањето на овие наративи не се однесува на нивното спојување или мешање на претстави кои би биле некаков претпоставен спој на многубоштвото, паганизмот и сцените со религиозни содржини. Тој, всушност, ги третира со подеднаква важност, како рефлексија на паралелната инспирација и нивно егзистирање како поим за нововременска инспирација од поднебјето кое изнедрило и на кое се испреплетувале многу културни традиции – пишува Чанкуловска-Михајловска.

Според Ќулавкова, сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна.

– Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет – пишува Ќулавкова во својот текст.

Трајче Чатмов (1971, Скопје) студирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорката Ана Темкова, а професори му биле и Васил Василев, Костадин Танчев-Динка, Рубенс Корубин, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов. Реализирал дваесетина самостојни изложби, а учествувал на многу групни претставувања. Член на ДЛУМ од 1996 година, а од 2023 година и член на Уметничкиот совет на ДЛУМ.

Сподели