Изложбата „Symbiotics“ на Филип и Ангел Коруновски е отворена во Младинскиот културен центар. На изложбата се претставени 40 дела работени во комбинирани сликарски и цртачки техники. Сите дела се работени на квадратни платна и се рефлексија на чувствата и размислите на уметниците во контекст на апстрактната уметност и акционото сликарство во насока на личното современо доживување на општеството.
Филип Коруновски е ликовен уметник роден во 1987 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за графика со графички дизајн. Во 2011 година магистрира на одделот за скулптура на истиот Факултет. Истата година во Ликовниот салон во Велес ја поставува својата прва самостојна изложба на цртежи, колажи и слики „Урбана синтеза“, а подоцна и „Р.Р.Р.“ на која изложува асемблажи и скулптурални објекти во Ликовниот салон. Во периодот од 2010 до 2017 година Коруновски е дел од организацијата на Ликовната колонија „Папрадишки мајстори“.
Во 2019 година ја претставува изложбата „Nicht zu wissen“ во Берлин, Германија, а лани ја постави изложбата „Несознајно“, која беше поставена во Ликовниот салон во Велес. Оваа изложба е современо естетско истражување на човечките емоции во ликовното изразување, истражување во рамките на класичното портретно сликарство, но истовремено и современиот портретен мурален реализам. Во 2021 година Коруновски ја поставува изложбата „Носталгија на изолацијата“ во Домот за култура во Демир Капија, а подоцна и во Ликовниот салон во Велес.
Филип Коруновски е сценограф во театарот „Јордан Х.К.Џинот“ од 2014 година и има работено на повеќе од 20-тина претстави во матичниот театар, како и во Штип, Охрид и Скопје.
Ангел Коруновски е роден во 1979, во Велес, Р. Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за вајарство и скулптура, под менторство на проф. Васил Василев. Во 2011 година станал магистер по скулптура.
Ангел Коруновски учествувал на повеќе од 50 групни изложби. Негови самостојни изложби се: „Симболички примитивизам“ (Државно училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје 2002); „Треперење“ (Народен театар „Јордан Х.К.Џинот“ – Велес, Скопје, и Куманово 2003); „Пејзажи“- Будва, Црна Гора – 2016; „Рефлексии на херметичноста“ (Ликовен салон Велес, Младински културен центар Скопје, „Иван Мазов – Климе“ – Кавадарци 2016), „Почетокот на почетокот“ (Дом на култура „Марко Цепенков“ – Прилеп 2020), “Chaotic cosmos” – (Prima Center Berlin, Берлин 2020).





