Традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2024“ синоќа беше отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Претставени се околу 40 дела во форма на слики, цртежи и скулптури изработени од 22 автори.
– Целта и идејата на оваа изложба е претставување на кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност, но, воедно, и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на едно запоставено творештво коешто претставува едно локално богатство и заслужува да биде споделено со ликовната публика. Потребата за традиционално организирање на ваков вид на изложби од страна на Центарот за култура – Куманово беше утврдено уште на почетокот на деведесеттите од минатиот век, а дојде како резултат на иницијатива на повеќе наши сограѓани – неакадемски уметници коишто имаа зад себе сериозна ликовна продукција – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста
Изложбата ќе биде поставена до 26 јуни.