Изложбата „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Културниот центар „Магаза“ во Битола. Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.
– Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа – вели Горјан Ѓорѓиев.
Дело од Ана Ивановска
Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, отсек сликарство (2006). Во 2007 година го завршува Педагошкиот оддел. а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет. Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ). Реализирала повеќе самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство.
Дело од Христина Зафировска
Христина Зафировска (Скопје, 1983) дипломира на ФЛУ во Скопје, на насоката сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација.
Дело од Маја Кировска
Маја Кировска (Скопје, 1982) дипломира во 2007 година на ФЛУ на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во област сликарство, под менторство на професорот Благоја Маневски. Во 2011 започнува постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за филмски уметности – Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје. Од 2013 до 2019 предава на факултетот за Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет.
Трите авторки се меѓу основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009) која станува уметнички културно-алтернативен центар во Скопје сè до 2011 година и на седумчлената уметничка женска група „МОМИ“ која сè уште е активна на македонската ликовна сцена.
Изложбата во Битола ќе биде отворена до 5 август.