Изложбата на илустрации од „Литера“ се пресели во „Рамстор“ во Центар

Илустрациите од реномираните турски автори Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и Мурат Калкаван и од нашата илустраторка Наташа Андонова кои беа изложени на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ е поместена во трговскиот центар „Рамстор“ во центарот на Скопје. Посетителите на „Рамстор“ ќе можат уживаат во прекрасните илустрации и да се запознаат со работата на уметниците.

– Преселувањето на изложбата во Рамстор мол ќе ја приближи уметноста до јавноста овозможувајќи им на сите љубители на уметноста, но и на оние кои случајно ќе се најдат во молот, да се инспирираат и да уживаат во оваа уникатна поставка. Изложбата е ретка можност да се видат дела од странски и домашни автори на едно место, при што посетителите ќе можат да ги почувствуваат различните стилови и пристапи во илустрацијата – велат од „Литера“.

Рамстор мол за првпат годинава е еден од пријателите на „Литера“ и благодарение на соработката фестивалот е достапен за пошироката јавност.

„Литера“ е меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца кој се одржува во Скопје. Секоја година тој го претставува најдоброто од книжевноста и уметноста за деца, создавајќи простор за оригинален концепциски израз. Шестото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ се одржа од 15 до 18 мај, во Младински културен центар во Скопје. Со претставување на работата на тројца извонредни илустратори и една авторка на книги за деца од Турција, оваа земја беше во фокусот на 6. фестивалско издание. Во рамките на „Литера“ беше организиран и Саем на литература за деца, на кој повеќе македонски издавачи ги претставија своите најнови изданија, а организираа и средби со автори и промотивни настани.

Меѓународниот фестивал „Литера“ се гордее со портфолиото од успешни изложби што ги организира, привлекувајќи голем број посетители и влијателни гости од целиот свет. Од македонски доајени во илустрацијата, каква што беше изложбата на Димитар Кондовски, до многубројните странски илустратори што го посетиле Фестивалот, Младен Туниќ, Доминик Вуковиќ и многу други, „Литера“ продолжува да ги поддржува и да ги промовира квалитетната литература и илустрацијата за деца.

Сподели