Изложбата „Геолошки пресек 2“ на Давид Атанасоски отворена во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена изложбата–инсталација „Геолошки пресек 2“ од уметникот Давид Атанасоски. Идејата за изложбата се надоврзува на претходните поставки на уметникот посветени на рециклирирањето.

– Ѕидната инсталација од отпадни дрва е основата на автономната и интегрирана структура. Строгиот распоред на композицијата, односно стратигафската систематизација и паралелизација на дрвените штици ја потенцираат и архитектонската концепција. Инспирирана е од примарните архитектонски конструктивни елементи, од природната стратиграфија и слоевитост на земјата и севкупната историја, книжевност и наука на човештвото. Вертикално испратените објекти се прилагодливи во релација со урбани и архитектонски затворени простори – вели уметникот Атанасоски.

Атанасоски имал неколку самостојни изложби во Прилеп и Скопје, а учествувал на повеќе домашни и меѓународни изложби.

Изложбата „Геолошки пресек 2“ финансиски е поддржана од Министерството за култура и е во годишната програма за работа на ЦК „Марко Цепенков“ за годинава.

Сподели