Изложбата „Еве го човекот“ од Стефан Младеновски го затвори „Гига фест“

Со циклус од 50 нови дела со кој се заокружува двегодишното творештво на академскиот графичар Стефан Младеновски беше отворена изложбата „Еве го човекот“ во уметничката галерија на Градскиот музеј во Крива Паланка. Изложбата е и завршен настан на 2. издание на Алтернативниот мултимедијален фестивал „Гига фест“, посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски. Ова е втора самостојна изложба на Младеновски во родната Крива Паланка. Двегодишниот творечки опус се фокусира на човечката фигура како централен елемент претставен преку разновидни емоционални состојби и силна експресивност.

Настанот беше придружен со музички перформанс на младите гитаристи Ади Имери и Александар Бошков, кои настапија пред кривоаланечката публика на платото пред Градскиот музеј. Годинава „Гига фест“ опфати повеќе настани, реализирани во јули и август и понуди квалитетни содржини од македонската алтернативана сцена – музички настапи, проекции на филмови, на документарци, уметнички изложби и перформанси, театарски претстави. Со настанот завршува и Кривопаланечкото културно лето, кое е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата“.

Сподели