„Надминување на уметноста“ е насловот на изложбата, курирана од ликовната уметница Ивана Самандова и историчарката на уметност Ангела Витановска, што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во КСП „Центар Јадро“ во Скопје. Изложбата е посветена на последиците што пандемијата која сѐ уште ја живееме ги предизвика во уметноста и кај уметниците.

Овој проект на почетокот беше содредоточен на културните активности надвор од Скопје, односно, предвидуваше патувања и дискусии со граѓаните за нивните доживувања на културата, за погледите и сфаќањата кои ги имаат во врска со современата уметност и за нивната можна улога на двигатели во обликувањето на овие искуства, објаснуваат кураторките.

Пандемијата темелно го измести жариштето на дискусијата од опстанокот на уметноста и културата вон главниот град кон опстанок на самата уметност како категорија и установа. Ползувајќи се со дигиталните медиуми, како, на пример, видео или фотографија, Дарко Алексовски, Јасмина Руневска Тодоровска, Горан Ристовски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Јовановска и Соња Ставрова ги понудија своите творби како прекршена глетка на општествениот, економскиот, политичкиот или психолошки пораз искусен во добата на ковид-19.

Овие уметници предложија специфичен обид за излевање на своите мисли во ликовен израз кој го одразува односот присуство-отсуство на уметникот, егзистенцијаната слабост и неизвесност, копнежот за бегство од „новата стварност“. Делата од поставката го посредуваат ланското искуство на создавање уметност во изолација. Од своја страна, придружното издание на изложбата – во кое покрај есеите на кураторките застапени се и прилозите на Џон Блеквуд и Бојан Иванов – го отвора просторот засегнат од овие дела и повикува да придонесете кон тековната дебата

На 14 октомври во 19 часот публиката ќе може да им се придружи на кураторките и на уметниците на специјална онлајн-дискусија на која домаќин е Јанка Вукмир од Институтот за современа уметност во Загреб.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.