„Над бескрајот на стените“: Изложба на Зоран Лазаревски во МКЦ

Во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Над бескрајот на стените“ на Зоран Лазаревски. За неговата уметнос писателот Глигор Стојковски вели:

„Не еднаш и не еден уметник занемено стоел пред совршените, беспрекорни творби на природата; и секој отсекогаш сакал барем да се доближи до чудесните форми и бои, да ги одгатне таинствените пораки што тие ги упатуваат – древни, вечни, секому важни. Природата е ненадминат уметник; речиси нема некој, кој и да е, кога и каде да било, макар мигновено да не ја почувствувал нејзината семоќна рака, полноводната кристална река што струи низ неа. Многумина ќе поитаат да понудат одговор и објаснување, но мудриот Сенека би рекол: ,Премногу сме смртни за да го спознаеме бесмртното’.“

Лазаревски (1949 година, Скопје) дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1975 година, во класата на професорот Марко Крсмановиќ, на отсекот ликовна графика. Член на ДЛУМ од 1976 година. Самостојно изложувал во Скопје, Струга, Струмица. Учествувал на сите групни изложби на ДЛУМ, како и на излагања во странство. Добитник е на повеќе награди и признанија. Од 1975 до 2013 година бил ликовен уредник на весникот „Нова Македонија“.

Изложбата ќе биде отворена до 21 февруари.

Сподели