Изложба на Зоран Арсовски-Бабата во Крива Паланка

Самостојна изложба на слики на современиот академски визуелен уметник Зоран Арсовски-Бабата со наслов „Нови хоризонти“ ќе биде отворена на 20 јуни во 19.30 часот во Центарот за култура во Крива Паланка. Изложбата е во рамки на манифестацијата Крива Паланка – Град на културата за 2024 година. Ова е негова 16. самостојна изложба.

Арсовски е роден 1980 година во Куманово. Дипломирал 2005 година на Националната ликовна академија во Софија, насока сликарство. Во 2007 година магистрирал на истата академија. Учествувал на повеќе меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, уметнички фестивали и симпозиуми во земјава и странство. За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.

– Не спорејќи го влијанието на општествениот контекст (пандемии, енергетски и економски кризи, војни и уништување на животната средина со неодговорно однесување на човекот), како и просторот и времето во коешто живееме и твориме, размислувајќи притоа за предизвиците пред нас, честопати, се обидуваме да ја видиме подалечната иднина. Тој мисловен конструкт ни е потребен за да можеме да се подготвиме за настаните коишто доаѓаат и ни е еволуциски впишан во нашата ментална програма за опстанок. Се разбира, повеќе луѓе од разни профили можат да дадат свои видувања во оваа насока, но се чини дека визуелните уметници можат да дадат најексплицитни проекции. Проекцијата на иднината и нејзиниот евентуален развој е во фокусот на проектот којшто сакаме да ви го претставиме а се работи за најновата изложба на академскиот сликар Арсовски – вели Роберт Цветковски, историчар на уметност.

Сподели