„Нови светови – хартии на перцепцијата“ е насловот на изложбата од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски што ќе биде отворена вечерва во 21 часот во модерната галерија „Јово Ивановиќ“ во Будва. Изложбата ја организира Музеи и галерии од Будва, а ќе ја отвори Сандра Деспотовиќ, историчар на уметност, која е и куратор на оваа изложба.
Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај професорите Момчило Петровски и Вело Ташовски на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар во Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на проф. Петровски на ФЛУ.
Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Ова е негова 22 самостојна изложба, а учествувал на многу групни претставувања во земјава и во странство. Добитник е на многу награди.