Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи и колажи „Записи“ од Стефан Младеновски. Тој ќе се претстави со дела работени во последниот период.
Според ликовниот уметник Никола Пијанманов, сликите на Младеновски сочинуваат синтеза на сите ликовни техники и дисциплини. Тоа е една голема ризница на ликовното писмо, библиотека во која се складираат различностите на ликовната уметност.
– Но сепак, тие поединости се распоредени во еден совршен ред и целина. Само навидум одразот на хаосот и немирот во деталите создава импулсивен впечаток. Во оваа сликарска уметност владее совршена хармонија. Како таинствена калиграфија, штотуку одвиткана од свитокот на некој далечен мистик. Потребно е големо внимание и љубопитност да се дешифрира ликовното писмо на Младеновскиа – вели Пијанманов.
Стефан Младеновски е роден во 1996 година во Крива Паланка. Средно образование завршил во „Лазар Личеноски“ во Скопје, на одделот за графика. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2020) оддел графика со насока конзервација и реставрација во класа на проф. м-р Зоран Јакимовски. Магистрирал на истиот факултет (2022) под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ, област графика. Член е на ДЛУМ од 2020 година. Досега реализирал осум самостојни изложби и учествувал на преку триесет групни изложби во земјава и странство. Добитник е на три национални награди за графика. Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 28 јуни.