Во галеријата на Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Решат Амети. На изложбата насловена „Пробив на светлината“, Амети се претставува со три заокружени циклуси на дела создадени во последните десетина години.

За неговото сликарство историчарката на уметност Ива Керблер по повод изложбата во каталогот ќе напише:
„ … Сликарот Решат Амети не ù е непознат на загрепската публика, згора на тоа, има постојан круг пријатели од изложбата во музејот „Мимара“ во 2017 година. Еден од уметниците со значајна меѓународна кариера, овој сликар со адреса во Македонија се избори во своето сликарство за мошне профилиран и препознатлив стилски пресек на трагот на лирската, гестуалната и колористичката апстракција. Во духот и сензибилитетот близок до светлината и колоритот на Медитеранот, Амети не пренесува во сликарскиот медиум само површински ефекти на светлината, туку го интересираат и некои посложени димензии на реалноста што нè опкружува. Би можеле да кажеме дека на специфичен начин тој ги инкорпорира минатото, сегашноста и идното време во неговите слики, бидејќи – на пример во циклусот „Од традицијата“ – тој се осврнува на етнографски и фолклорни елементи кои стануваат знак и симбол во неговите слики…

Решат Амети работи како професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност при Државниот универзитет во Тетово. Тој е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија „Драудакум”.
Роден е на 16 мај 1964 година во Гостивар. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. д-р Ана Темкова, а постдипломски студии завршил во 2002 година на ФЛУ во Приштина, во класата на проф. д-р Реџеп Фери.

Решат Амети е меѓународно признат уметник, носител на Наградата за животно дело на [email protected] Неговите уметнички дела се во сопственост на многу музеи, културни институции и приватни колекции на светски познати личности како добитници на Нобелова награда, светски познати писатели, претседатели на држави итн. Имал над 50 самостојни изложби, организирани претежно во странство. Учесник на повеќе од 300 групни изложби, како локални, така и меѓународни. Учествувал на Пекиншкото биенале, уметничкиот фестивал „Арте Бенинген“ – Базел и други уметнички фестивали.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.