Изложба на макети, диорами, минијатури во КСП Центар Јадро во Скопје

Изложба на макети, диорами и минијатури од синоќа е отворена во КСП Центар Јадро во Скопје. Настанот го организира клубот „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ чија цел е да го промовира и популаризира макетарското хоби во Македонија. Публиката до утре ќе може да погледне макети изработени од домашни и странски изложувачи и да проследи меѓународен натпревар по пластично макетарство на кој ќе учествиваат макетари од Србија, Грција и Турција.

Посетителите ќе имаат можност да видат макети изработени од меѓународно признати и наградувани автори, макети во разни категории и типови на воздухоплови, воена техника, научна фантастика, историски диорами, минијатури и сл.
Утре од 9 часот ќе се одржи натпревар на кој ќе бидат наградени макети во 20+ категории и ќе биде затворена изложбата.Специјална награда „Мајор Михајло Ивановски – Микс“- „Best of Luftwaffe“ – се доделува на најдобрата макета од кој било размер со ознаки на германското Luftwaffe од Втората Светска Војна (во чест и сеќавање на Мајорот Михајло Ивановски -Микс). “Best of show” награда – се доделува на најдобрата макета на натпреварот.

Клубот „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ е основан од група ентузијасти кои првата самостојна изложба ја одржале во 2014 година во Скопје, а една година подоцна го основаат и клубот. Оваа година е 10 годишнина од оддржување на првата изложба. Клубот за промоција и афирмација на макетарското хоби „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ го носи името на еден од основачите и доајени на макетарството во Македонија кој беше воен пилот и ненадејно почина 3 месеци по основање на клубот. Клубот секоја година учествува на голем број меѓународни натпревари во регионот и пошироко.

Сподели