Во Офицерскиот дом во Битола вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Македонски и канадски графичари 7х7“. Изложбата е плод на соработката на двајцата куратори, Дерек Мајкл Бесант и Владо Ѓорески. Ќе бидат изложени дела од: Трајче Блажевски, Ивана Настески, Сергеј Андреевски, Славица Јанешлиева, Ладислав Цветковски, Светлана Јакимовска-Родиќ, Мирослава Цветковиќ и Атанас Ботев од Македонија и Брајар Крег, Бони Бакстер, Гери Хушлак, Жо Ан Ланвил, Либи Хаг, Марк Бови, Шон Колфилд, Гај Лангевин од Канада.
– Почетната иницијатива брзо се прошири, наидувајќи на огромна страст за поврзување, така наместо 7+7 уметници, добивме 7х7 учесници како симбол на нашето поврзување бидејќи бројот на уметници кои ќе ги допре овој заеднички проект е многу поголем од 14, 20 или 49. Тука се додаваат и умножуваат и професорите и студентите на катедрите за графика од Факултетите за ликовна уметност од Скопје, Халифакс, Монтреал, Троа Ривиер, Алберта, Едмонтон и Келона, а да не ги заборавиме и организаторите и учесниците на Mеѓународното графичко триенале во Битола и Mеѓународно биенале за современa графика во Троа Ривиер – велат организаторите.
Лили Бошевска, директорка на Културно-информативниот центар од Битола вели дека оваа излоѓба има огромно значење за инстетуцијата и че биде претставена и во Канада.
Дерек Мајкл Бесант вели дека со проектот му с енаметнало прашањето: Дали во групирањето на современата графичка уметност од двете земји може да се идентификуваат посебни колективни идентитети кои произлегуваат од која било група?
– Оваа изложба е можност за дијалог и дебата на оваа тема. Од поканетите канаѓани сакав пресек кој би имал далекусежен преглед со застапеноста од сите делови на Канада: поморските острови, централно населена Канада, Канада што зборува француски, западот и крајбрежните провинции – објаснува тој.
Според Владо Ѓорески, триесетгодишното постоење на Меѓународното графичко триенале во Битола, најголема и најзначајна ликовна и графичка манифестација во овој балкански регион, досега донесе графички писма од над 5000 автори од целиот свет. Оваа манифестација е во постојана комуникација со ликовното творештво на над 160 држави. Од оваа година се проширува и со Меѓународното биенале на минијатурна графика и цртеж, сè со цел, да се создаде еден нов вид александриска библиотека на графичките листови, или да се остави еден од можеби сè поретките вистински влогови во сѐ понеизвесната човечка иднина, а сè поизвесната човечка роботизираност.
– Сиот овој воведен увертуриум е еден вид интонација во толкувањето и откривањето на творештвото на изборот на графичарите од Македонија, кои се само еден од сегментите на широкиот и бројниот авторски графички придонес кој што ова средина го има во еден поголем временски и естетско-ликовен квантум – вели Ѓорески.