Изложба на Лара Ташковска во Куманово

Сликарката Лара Ташковска ќе се претстави со 20-ина дела вечерва во 19 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Делата се во техниката масло, акрил и акварел. Ова е нејзина прва самостојна изложба по нејзиното враќање од САД, каде во 2015 година доби Награда за најинспиративна уметност на Арт фестивал во Санта Фе, Њу Мексико.

Лара Ташковска е трета генерација ликовни уметници. Таа е ќерка на академикот Васко Ташковски, а нејзиниот дедо Ристо Ристовски, во зрели години се посветува на наивното сликарство.

Ташковска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Покрај сликарството таа е посветена и на педагошката работа. Во нејзиното Ателје за цртање и сликање програмата ја следат, во различни групи, курсисти од сите генерации.

– Лара го избра потешкиот пат на кој се почитуваат традиционалните вредности и сликарските елементи како идејата, цртежот, содржината, композицијата и колоритот. Нејзиното творештво тематски е разновидно, додека нејзиниот ракопис е карактеристичен, препознатлив. Стилски во некои дела нејзиното сликарство е блиско до симболизмот, до магичната и ведра фантастика. Интимистичките елементи во сликите, како и рационалното движење на четката создаваат една целина. Така рационалното и чуствителното взаемно се дополнуваат, додека нејзиното сликарство во континуитет расте и се усовршува, прецизно водено од нејзиниот сигурен цртеж, од нејзината искусна, вешта рака – вели Васко Ташковски.

Сподели