„Да се патува по 45-годишната творечка траекторија на д-р Трајче Блажевски претставува деликатна и многу сложена авантура“, вели ликовната критичарка Конча Пиркоска за изложбата на графики која синоќа беше отворена во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Тој се претстави со триесетина уметнички дела – графики изработени во последните седум години.
– Неговата обемна био-библиографија на извесен начин, сама по себе, априори претставува доволна индикација дека станува збор за еден од најактивните и најзначајни македонски графичари кој повеќе се презентирал на интернационалната, отколку на домашната ликовна сцена – вели Пиркоска во текстот од каталогот.
Уметникот Трајче Блажевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Германија, Италија, Словенија, БиХ, Црна Гора, Полска и Романија. Учествувал во над 600 домашни и странски изложби. Добитник е 16 домашни и 5 странски награди во текот на неговата творечка кариера. Бил професор во Училиштето за применета уметност, технички уредник во дневниот весник „Нова Македонија“, поседувал статус на слободен уметник, предавал во Трговско-училишниот центар, работел во Културно-информативниот центар во Скопје и бил редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде заминува во пензија.