Изложба на фотографии од македонскиот фотограф Александар Кондев е отворена во Францускиот институт во Скопје. Изложбата е насловена „Париз, Ла Дефанс“ и се состои од шест фотографии, а поводот е да се одбележи Месецот на франкофонијата.

Фотографиите се реализирани во месец декември 2021 година, за време на престојот на Кондев во Париз и истите го заокружуваат циклусот фотографии под наслов „Франција”, реализирани во периодот од 1993 до 2021 год.

Уметничкиот престој во Париз беше поддржан од Министерството за култура.

Александар Кондев е роден 1950 година во Скопје.  Уште во основното училиште се запознава со фотографијата и фотографската техника. Од најмала возраст активно учествува на натпревари по фототехника, на кои освојува награди. Нагласената индивидуалност го насочува неговиот интерес кон филмот и  анимацијата, како и за експериментите во играниот и докуметарниот филм. Со неговиот прв игран филм „Ден како секој ден“ ја освојува наградата за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје во 1967 година. Паралелно работи на анимации и на експериментални филмови.

Додека студира на Економскиот факултет, продолжува со ангажманите околу фотографијата, како член на фотоклубот „Вардар“ во Скопје. Учествувал на бројни изложби во тогашна Југославија и во странство. Првата самостојна изложба ја реализира во 1977 година, во галеријата на  Домот на младите „25 Мај“ во Скопје.

Кондев е основач на фотоклубот „25“, во рамките на којшто активно дејствува како педагог и како излагач. Во тој период ја организира и втората индивидуална изложба  во Домот на младите „25 Мај“. Во периодот 1994 до 2001 година предава фотографија на Академијата за ликовни уметности при УКИМ.

Во периодот 2001 до 2016, покрај професионалниот ангажман во фотографијата, учествува на повеќе домашни и странски изложби, работи како предавач на семинари за фотографија, како член на жири  и куратор на повеќе изложби. Делува во областа на културата, работи на книги, монографии и на пропагандни материјали. Куратор е на повеќе фотографски изложби и организатор на семинари  во рамките на „Скопско лето“.

Автор е на книгата „Сеќавањето е слика“ и ко-автор на книгата „Протести“. Од 1989 година до денес работи како самостоен фотограф.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.