Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на тројцата добитници на годинашната награда „Денес“, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли. Воедно ќе биде отворена документарна изложба за наградата „Денес“ и ќе бидат одбележани 20 години од доделувањето. Претходно во 13 часот ќе бидат претставени уметниците и ќе се одржи разговор со жирито.
– Одбележувањето на 20 години од наградата „Денес“ ги слави ретките појави во уметноста што поттикнаа поинакви насоки на уметничко размислување. Еднаквоста, антирасизмот, антинационализмот, одржливоста се клучните тенденции за преформулирање на современото општество и уметност, а со тоа и на наградата – велат организаторите.
Наградата се доделува на млади визуелни уметници до 35 години и е единствен вид во земјава што веќе 20 години континуирано им нуди на младите уметници програма за престој во Њујорк. Основана е во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално по првпат доделена во 2003 година. Многу години, организацијата на наградата со сите домашни настани беа финансиски помогнати од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, додека за престојот во САД беше Trust For Mutual Understanding New York. Намерата на наградата ДЕНЕС е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ.