Изложба на дела од Марина Цветановска-Мартиновска во КИЦ

„Напречно црвено низ празното“ е насловот на изложбата на дела од Марина Цветановска-Мартиновска што вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Изложбата се отвора во рамките на манифестацијата „Скопско лето“.

Ана Франговска, историчар на уметност вели дека сликарските изведби на Цветановска-Мартиновска во најраните постакадемски години го носат белегот на почетоците за размислување зад границите на материјалната претставност.
– Оттука, авторката ја користи апстракцијата како јазик во кој ги истражува првите обиди за нурнување во подетални уметничко-теориски и естетски метанарации кои започнуваат да ги испитуваат можностите за елаборирање на полното и празното, на вакуумот, на просторот, на дводимензионалното претставување на времето. Асоцијативноста на дводимензионалниот медиум и „полнотијата“ на бојата постепено почнуваат да се минимизираат во нејзините подоцнежни скулпторски интервенции и инсталации. Почнувајќи од „Ротација“, а уште понагласено во „1234567“, Цветановска-Мартиновска ја дообликува идејата за „полноста на празнината“ и таа се однесува на доменот на одредена „обликувана“, т.е. уметнички формирана празнина во скулптурата, а не на неопределеното и опфатено присуство на космичкиот простор – вели Франговска.

 

Сподели