Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата на алтернативни фотографии, со дела избрани на меѓународен јавен повик, избрани од стручно осумчлено меѓународно жири. Храбри, аналогни и често невообичаени модерни дела ќе може да види публиката во рамките на Фестивалот на алтернативната фотогрфија „Зрно“, кој годинава се одржува по 4. пат, под мотото „ФотоСинтеза!“.
Ова е претставува ретка платформа во регионот посветена на некомерцијални, експериментални и авторски фотографски практики. Фестивалот ги промовира современите трендови во фотографијата, слободата на визуелниот израз, аналогните процеси, рачно изработените уникатни дела и едукацијата за аналогна фотографија преку работилници, публикации, предавања и изложби. Фестивалот „Зрно“ низ годините донесе долгоочекувана свежина во зачмаениот македонски фотографски простор, ја разбуди и поттикна светската и домашната фотографска сцена.
Избраните дела доаѓаат од автори од повеќе земји од светот, набиени со креативен авторски израз и ја одразуваат широчината на современите тенденции во областа на алтернативната и експериментална фотографија. „Зрно 2025“ е делумно поддржан од Министерството за култура.





