„Љубов“ е насловот на изложбата на Александра Мириќ која вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Таа ќе се претстави со дела исполнети со силен колорит, минималистички форми на мотиви кои ја раскажуваат приказната од јазикот на нејзините соништа, стилизирајки ги понекогаш до граница на знак.
– Разиграната позадина со многу детали, сепак не доминира над централниот мотив кој ја раскажува нејзината приказна, водејќи нѐ низ нејзиниот чудесен свет, свет на нејзината имагинација и нејзиниот сон – вели Новак Новаковиќ во текстот од каталогот..
Мириќ е архитект-конзерватор. Валоризацијата на градителското наследство го проучувала на универзитетот во Прованса, Франција. Со докторат по архитектура се стекнала на универзитетот во Ниш, Србија, а со докторат по aрхеологија на универзитетот Лион 2 во Франција.
Како самостоен истражувач е посветена на проучувањето, презентацијата и промоцијата на светското културно наследство и локалните традиции, добитник е на бројни награди за извонредни придонеси во развојот на науката и културата.
Со самостојни изложби се претставила во Ниш (2010, 2015, 2018, 2019), Ќуприја (2018), Париз (2017), Скопје (2017) и учествувала во повеќе десетици групни изложби и меѓународни ликовни колонии. Нејзините слики се наоѓаат во приватни и јавни збирки во Србија и во странство.





