Групната изложба „Колонија 8“ на уметничкото здружение „Училница осум 8“ вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена во КСП Центар – Јадро во Скопје. Своите дела ќе ги претстават: Симеон Арнаудов, Предраг Јаневски –Драшко, Соња Поповска-Трајковска, Евгенија Трајковска, Трајче Блажевски, Фехим Хусковиќ, Нела Јанковска, Гордана Николоска Петрова, Ладислав Цветковски, Владимир Величковски, Озбег Ајваз и Вера Симовска.

Здружението на автори „Училница осум 8“ е формирано во 2021 година. Брои десет члена со профилирана творечка индивидуалност кои на изложбата ќе се претстават со по две дела, скулптури, слики и графики. Станува збор за ликовни педагози кој се активни и на планот на ликовното творештво.

Дело на Соња Поповска-Трајковска

Во својот осврт кон делата вклучени во изложбата, критичарот и уметник проф. Владимир Величковски истакнува:

Предраг Јаневски негува скулптура со тотемистички белези во која се испреплетуваат елементи од метал и дрво. Симеон Арнаудов е познат со скулптурите во мермер во кој пластичниот момент е споен со линеарниот благ ритам. Во оваа пригода тој се претставува со фигура на ракометарка (во полиестер) во момент кога се подготвува да ја фрли топката. Соња Поповска-Трајковска разновидно обработените елементи во теракота ги организира во вертикала со симболични монументализирани белези. Нела Јанковска со линеарните назабени облици на фигурата во метал, изразува немир и страв. Озбек Ефенди металните елементи ги поврзува во ритам кој стреми кон ширење во просторот.

Гордана Петрова во бронза изработила реалистичен портрет со индивидуални црти. Фехим Хусковиќ е сликар на модерен пејзажизам еволуирајќи кон слободни колористички состави во кои го поврзува темпераментниот гест и урамнотежената организираност на целината. Трајче Блажевски е цртач и графичар кој врз правоаголна основа суперпонира неколку површини со суптилно разиграни линеарни предзнаковни структури. Ладислав Цветковски во дигитален принт реализира линеарно обработена композиција со разновидни значења: мотив на очи со крстообразна форма и двосмислена сугестија на подотворена „усмина“. Евгенија Трајковска е стрип цртач која се представува со линорез и мотив на „Монструм“, гротескен лик поставен на кружна основа, еден вид на „црно сонце“. Авторот на текстот со своите темпери ја следи основната линија на своето сликарство: спонтано предадена колористичка експресија во која е содржан немир.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.