Фактор кој можеби би ни го дал одговорот по кој трагаме е истражувањето. Љубопитноста е многу добра карактеристика кога станува збор за избор на високото образование
Пишува: Ива Трпески
Интелектуалноста е особина карактеристична само за нас луѓето. Секојдневно се соочуваме со ситуации каде разумни постапки и образование се неопходни за тие да се надминат. Сепак, предност или маана ќе биде кој и како ќе ја разглоби истата ситуација, за да исцрпи „ресурси“ од неа.
Пластично опишано, прашањето за тоа каде на факултет би оделе, е еквивалентно на стоење сред најгустиот метеж на една крстосница во огромна метропола. Многу опции за бирање на иден патоказ.
Сепак изборот е наш и би бил поткрепен со нашите јаки страни. Секогаш е добро да се земат предвид минати искуства на различни полиња, резултатот од вложениот труд, но и развиените вештини во текот на образовниот процес. Тоа значи дека талентот за одредена област или активност не треба да се разбере како еден потпорен ѕид на нашата идна кариера и работна дејност. Да, талентот е од голема помош, доколку се препознае и се наградува, меѓутоа докажаниот потенцијал е тој што натежнува.
По долги и длабоки разговори со лица кои би ги сметала за искусни и од кои би прифатила совет од нивната кариерна страна, валидно е да заклучам дека изборот на факултет треба да зависи само од нас. Мислењата и ставовите на другите не треба да претставуваат притисок, кој негативно ќе влијае, едноставно да се разберат како друга перспектива на предизвикот кој следува.
Исто така, практичното искуство има голема улога. Не е доволна само пасијата кон програмата односно материјалот од одреден факултет, имплементацијата на теоретското знаење во практична работа може тотално да ја промени гледната точка за истата професија.
Фактор кој можеби би ни го дал одговорот по кој трагаме е истражувањето. Љубопитноста е многу добра карактеристика кога станува збор за избор на високото образование. Тоа може да биде во најразлични форми. Разговори со тековни студенти или луѓе кои веќе работат во таа област, пребарување на интернет или едноставно следење на активности на факултетот. Се тоа може да го поедностави процесот за избор и да ни претстави слика на нашиот живот во следните неколку години.
Општеството и образованието се континуирана инвестиција. Движечка сила на економијата. На истата, треба да ѝ се возврати со резултат и одговор кој правопропорционално зависи од нашите одлуки. Тие избори би дале позитивни промени само доколку се работи на нив со целосна посветеност и искрена амбиција.
Насловна фотографија / Извор: ПМФ-Скопје





