До крајот на месецов Умно.мк ќе објавува интервјуа со шестемина кандидати за ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои ќе одговараат на исти прашања преку кои ќе ги претстават своите програми и гледишта
Постепената ерозија на системот и перцепцијата на високото образование како потршувачка дејност, со години наназад, постепено доведе до уривање на дигнитетот на професорите и девалвација на позицијата на УКИМ во нашето општество. Ќе ги искористиме сите легитимни средства и ќе инсистираме државата да го промени односот кон високото образование и науката, вели д-р Горан Ајдински, редовен на Институт за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет при УКИМ.
Зошто сте Вие вистинскиот кандидат за нов ректор на УКИМ?
– Секој кандидат кој што има капацитет, кој што го сака УКИМ, ги познава работите на Универзитетот и кој што има чесна намера да се зафати со решавање на наталожените проблеми, е вистинскиот кандидат. Мојот прв фокус, доколку колегите професори и студентите ја прифатат мојата програма и ми дадат доверба, ќе биде поставување на основните работи на своето место. Моделот на раководење на УКИМ во иднина ќе почива на легитимитетот кој што на менаџерскиот тим му го дава секој поединец од универзитетската заедница. За да се обезбеди таквиот однос, пред сè ќе ја промениме наметнатата перцепција за функцијата ректор и за местото и улогата на Ректоратот. Ректорот, проректорите и Ректоратот ќе бидат сервис на студентите и вработените, а не обратно. Градењето култ на одредени позиции во Универзитетот, што за жал стана дел од системот и начинот на менаџирање, не е и не може да биде во насока на подобрување на неговата функционалност и развивањето на слободата и интегритетот на мислата, и затоа, одлучно ќе се спротивставиме на секоја девијација од таков карактер. Кога ќе се воспостават вакви односи, сметам дека побрзо и поуспешно, заеднички ќе ги надминеме проблемите и ќе обезбедиме подобар развој на УКИМ.
Кој е најголемиот проблем со кој се соочува УКИМ во моментот и како ќе го решите?
За жал, УКИМ се соочува со повеќе проблеми, дел од нив се системски, но дел се организациски и се резултат на лошото менаџирање. Кога лошото менаџирање се преточува во систем, последиците се неизбежни, квалитетот може само да паѓа, а проблемите да се продлабочуваат. Денешниот УКИМ не е таа наша alma mater кој што беше етаблиран во сите сегменти на образованието и науката, не само во нашата држава туку и пошироко. Не е тој Универзитет на кој што вработените во вистинска смисла на зборот се чувствуваат почитувани и вреднувани, а студентите се активни субјекти во високообразовниот процес. Постепената ерозија на системот и перцепцијата на високото образование како потршувачка дејност, со години наназад, постепено доведе до уривање на дигнитетот на професорите и девалвација на позицијата на УКИМ во нашето општество. Ќе ги искористиме сите легитимни средства и ќе инсистираме државата да го промени односот кон високото образование и науката. Мора да се работи на достоинството на професијата, платите на професорите да бидат респектибилни, студентите да добијат поквалитетни услови за образование и да се подигне нивото на финансии во науката.
Како ќе ги активирате студентите, и да се зголеми интересот за студирање и активно да се вклучат во студентскиот живот?
– Студентите се суштината на постоењето на универзитетот. Секој сака да студира на квалитетен универзитет, да ги минува студентските денови во пристојни услови и за работа и за живот и да стекне знаење со кое ќе биде конкурентен на пазарот на трудот. Без оглед што некој мисли дека сето ова што се случува на Универзитетот во последниве години не се рефлектира на интересот за студирање на УКИМ, тоа не е точно. Тоа не се само „професорски“ проблеми, затоа што УКИМ е заеднички дом и проблемите ги чувстуваат сите. Затоа, задолжително ќе водиме сметка за сите фактори и потреби на студентите кои што се важни за квалитетно студирање и студентски живот (сместување, исхрана, здравствена заштита, квалитетни читални, библиотеки, работа со талентирани студенти, вработување на најдобрите студенти на Универзитетот итн.).
Студентските домови согласно законот се посебни правни лица и не се дел од Универзитетот. Но, без огледа на тоа, во нив студентскиот живот го поминуваат нашите студенти и затоа ректорот и универзитетските органи континуирано ќе се залагаат пред надлежните министерства и ќе инсистираат на подобрување на условите и сместувачките капацитети во студентските домови, со што студентите ќе добијат максимален квалитет на студентскиот живот.
Во рамките на Универзитетот ќе го поддржуваме и респектираме студентскиот глас, еднаквоста, недискриминацијата и инклузијата на секој студент. Комисијата за студентски стандард при Универзитетот, во иднина ќе има проактивна улога во насока на поставување и следење на овие политики, со кои што ќе се идентификуваат потребите на студентите, а на студентите со посебни потреби ќе им се обезбеди системска поддршка во нивното студирање.
Студентите треба да бидат активни субјекти во високообразовниот процес, затоа ние ќе обрнеме особено внимание и континуирано ќе го поттикнуваме индивидуалниот приод и интерактивната настава, преку што ќе биде препознаен талентот, креативноста, вештините и компетенциите на секој поединец. Во севкупните активности на Универзитетот во овој дел, приоритет ќе ни биде подобрувањето на наставата, студирањето и студентскиот стандард преку повеќе повеќе форми и активности кои што детално се претставени во мојата програма. Ваквиот приод ќе ги поттикне студентите и тие поактивно да се вклучат во студентскиот живот, затоа што нивните мислења, ставови и предлози ќе бидат дел од нашата заедничка стратегија за подобар и поквалитетен УКИМ.
Што предлагате за да се зголеми автономијата на УКИМ, а да се намали финансиската зависност од државата?
– Еден од основните столбови на универзитетската автономија треба да биде располагањето со средствата. За жал во практиката, во високото образование нема дефинирано јасен модел на финансирање. Делумно причина за тоа е долгогодишното неформирање на Советот за развој и финансирање на високото образовение.
Универзитетот се соочува со ограничени финансиски средства од буџетот за релизирање на наставниот процес, проблеми при кадровско обновување и нискиот дел од државата во платите на вработените. Нема дилема дака квалитетот на студирање на Универзитетот може да се подигне само со решен модел на финансирање и мотивирани наставници кои не се оптоварени со елементарни финасиски проблеми, во делот на своите работни обврски или својата плата.
Системот за финансирање безусловно треба да тргне од основниот принцип, дека високото образование не е потрошувачка дејност, како што некој го перцепира овој сектор, туку долгорочно инвестирање во хуманите ресурси и иднината на државата. Повеќе пати досега, јасно и јавно напоменувавме дека е потребно јасно одвојување на буџетот за образование од буџетот за наука. Покачувањето на средствата за наука не можат да бидат супституција за платите на вработените, ниту обратно.
Потребно е конечно да се донесат јасни Предлог мерилата за финансирање на високото образование врз основа на индикатори за реално чинење на образованието на одредени профили, почитувајќи ја притоа нивната специфика (индивидуална настава, менторска настава, теренска настава, трошоци за лабораториски вежби).
Другиот проблем е финансиската автономија на Универзитетот, која што е суспендирана повеќе од дваесет години, со воведувањето на трезорското управување со средствата на Универзитетот. Имено, овој начин не обезбедува функционалност во реализација на исплатите на средствата од сопствените приходи на единиците на Универзитетот, со што се нарушува автономијата во неограниченото и слободно располагање со остварените средства од сопствените приходи на единиците, односно Универзитетот. Дополнително, системот е нарушен и нефункционален во делот на одобрување на плановите, затоа што тоа се прави по административен пат, без оглед на реалната состојба на финансиите со кои што располагаат единиците на Универзитетот и без респектирање на нивните планови и нивните потреби, а за промена на таа состојба во последниве години не беше сторено ништо. Во наредниот период, силно ќе се залагаме ваквиот начин на трезорско управување со средствата да се промени, затоа што автономијата на Универзитетот подразбира и автономија во управувањето со средствата кои ги заработуваат неговите членки.
По однос на намалувањето на финансиската зависност од државата, во последнава седмица универзитетската јавност е сведок на навистина „иновативни“ предлози од некои колеги. Се сложувам, дека Универзитетот е принуден да ја намалува финасиската зависност од државата. Но, тоа нема да го реши проблемот, затоа што во крајна линија ние сме државен универзитет и должност на државата системски, трајно и оддржливо да го реши проблемот со финансирање, со ниските плати на вработените и со финансирањето на образовната и научноистражувачката дејност. Сите модалитети на дополнителни финансиски приходи на универзитетот и неговите единици, треба да бидат само дополнителни и во никој случај на таквите приходи не траба да почива основната дејност, затоа што некаде тоа е можно, но на УКИМ има факултети кои што поради природата на својата дејност, ниту можат, ниту треба да се занимаваат со прашања од ваква природа.
Каква трансформација на полето на науката предлагате?
– Познато е дека финансирањето на научната дејност од страна на државата со години е на многу ниско ниво. Тоа е многу помалку од 1 отсто, и мислам дека тука не се потребни никави коментари. Државата треба да биде основниот финансиер кој што ќе ги покрие овие потреби на универзитетот, а сето друго како што се меѓународните фондови, проектни активности, апликативни дејности итн., се надополнување на основното.
Државата мора итно и најсериозно да се позанимава со ова прашање, ако сакаме да се вброиме во редот на технолошко развиени држави, и да бидеме држава во која што сите млади ќе ја гледаат својата иднина. Мора да се подигне општествената свест за потребата од инвестиции во науката. Секако, исто така треба да се менуваат и работите во односите со стопанските субјекти и тие да го најдат својот интерес и да инвестираат во научните истражувања на Универзитетот, согласно своите можности. Европската и светска практика покажува, дека колку што е некоја земја поразвиена, толку е и поголем уделот на стопанството и индустријата во полнењето на научноистражувачките фондови на државата.
Ова ќе биде едно од приритетните прашања, а како на УКИМ да се дојде до поголеми средства за наука има повеќе начини, кои што не би можел да ги елаборирам заради ограничениот простор. Но, еве еден начин. Како што е познато, државата воведе задолжително рангирање на универзитетите на национално ниво. Тоа рангирање е спроведено неколку пати до сега, но да бидам искрен воопшто не ми е јасно за што државата троши пари. Зарем ни требаат странски експерти да ги плаќаме за да ни ги рангираат униврзитетите во државата? Па тоа можеме самите да си го направиме и тоа бесплатно. Вака, се ангажираат странски експерти, ги рангираат универзитетите, Министерството ја објавува ранг листата, и толку. Која е смислата? Сето тоа би било во ред ако на пример рангирањето е основа за финансирање на науката. Има и такви модели во развиените држави. На пример, буџетот за образование и наука е таков каков што е, но распределбата треба да биде согласно рангирањето. Тие што покажуваат најдобри резултати треба врз основа на рангирањето да добијат и повеќе финансии, а тие што се полошо рангирани да добијат помалку, што воедно би било и стимулација во работењето.





