Помеѓу овие две професии балансира инспиративната Ивана Стаменковска од Скопје. Иако е дипломирана докторка по ветеринарна медицина, вели дека и двете професии ѝ се еднакво важни во животот

Првиот дел од денот го поминува лекувајќи животни во Ветеринарната болница во Скопје, а вториот како инструкторка по јога. Помеѓу овие две професии балансира инспиративната Ивана Стаменковска од Скопје. Иако е дипломирана докторка по ветеринарна медицина, вели дека и двете професии ѝ се еднакво важни во животот. Едното не може без другото. Веќе студирала ветерина кога почнала да се занимава со јога. Разговорот со неа го објавуваме денеска, на Светскиот ден на јогата.

Ивана Стаменковска на час во Градскиот парк

– Се случи многу спонтано и сосема неочекувано. По природа сум човек кој обожава најразлични спортови и сака да пробува нови предизвици. Следев фитнес програма која вклучува јога. Се фатив себеси како одвај чекам да дојде тој ден. Оттаму започна сè. Година подоцна добив интернационален признаен сертификат и веднаш почнав да држам часови по јога. Среќна сум за одлуката што ја донесов тогаш бидејќи во тоа време јогата кај нас сè уште беше нешто за кое не се зборуваше – објаснува Стаменковска.

Вели дека се обидува двете професии да ги држи настрана една од друга и да не ги спојува.

Во Ветеринарната болница

– Во мене тлеат два карактера и две личности. Да бидам ветеринар ми беше желба уште од малечка. Сè уште паметам како ги собирав сите улични животни кои ќе ми го попречеа патот. Јогата ми дојде спонтано и стана дел од мене со текот на животот. Откако ќе ми заврши смената во болница, ми почнува оној другиот дел од денот каде сум јога инструкторка. Уживам во поинаквата енергија која ја добивам кога ќе влезам во студио. Работам со извонредни луѓе и не можам да се пожалам. На крајот од денот сум среќна, а тоа е она кое се брои – вели таа.

Според Стаменковска, за да практицирате јога не ви треба посебна физичка подготвеност, ставови блиски до источната филозофија. Сè што треба е да бидете доследни на себеси, истрајни, дисциплинирани и упорни. Другото само ќе си дојде. За инструктор (учител) е малку пoинаку.

– И за тоа е неопходно трпение и истрајност. Но, многу е поедноставно кога си сама на простирката, а сосема друго кога пред тебе стојат луѓе на кои треба да им пренесеш знаење. Би ги советувала сите што сакаат да подучуваат јога да поминат низ обука бидејќи сепак дава некаков правец и доза на самодоверба. Сè си доаѓа со искуство, па нема потреба да се анксиозни. Да се фокусираат на тоа да ја пренесат јогата онака како што тие ја чувствуваат и да не слушаат никој друг. И треба читање, мнооогу читање – вели Стаменковска.

На прашањето што би им порачала на сите што некогаш помислиле да се занимаваат со оваа активност, а никогаш не пробале, како јогата ќе им влијае во животот, Стаменковска со насмевка одговара:

– Не би се трудела многу да им опишувам. Јогата треба да се доживее. Таа се живее, не само што се вежба. Да си дадат шанса и да пробаат барем еден час. До сега не сум сретнала човек на кого не му се допаднала и не му годела.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.