Иван Поповски ја постави „Вишновата градина“ во Загреб – ремек дело според критиката

Сочувство, милосрдие, разбирање… мир, добрина, топлина… токму на тие нешта, кои денес толку силно ни недостасуваат, Чехов постојано нè потсетува – вели македонскиот режисер Иван Поповски, кој во МНТ последен пат ја постави „Мајсторот и Маргарита“ во 2015 година

Пишуваат: Сребра Ѓорѓијевска и проф. д-р Јелена Лужина

Досега никогаш не сум го поставил Чехов. Секогаш се плашев и мислев дека не сум спремен и дека не го разбирам доволно – вели режисерот Иван Поповски во интервју за хрватскиот Express.hr, по повод премиерата на неговата театарска претстава „Вишновата градина“ на сцената на Загребачко казалиште младих на 17 декември. Македонскиот режисер кој во последните 20-ина години живее и работи во Москва и е еден од најпочитуваните режисери на руската сцена, во декември беше привлечен за хрватската јавност и медиуми. „Вишновата градина“ веќе е прогласена за најдобра претстава во Загреб, според „Јутарњи лист“.

Иван Поповски последен пат во ЗКМ ja постави претстава „Идиот“ од Достоевски, а на европските театарски сцени ги оживеа текстовите на Марина Цветаевна, Јонеско, Луис Керол, Пушкин и други. Во интервјуто за Express.hr, на прашањето зошто баш „Вишновата градина“, Поповски вели:

– Во последните години размислував дека „Вишновата градина“ е единствниот негов текст што би можел да го поставам. Тоа планирав да го направам во Москва, со екипата со која студирав и работев таму. Верувам дека и тоа ќе се случи во догледно време, јас сум млад, а „Вишновата градина“ е богата. Во изминатите неколку години, уште пред пандемијата, договаравме соработка со ЗКМ. Тоа требаше да биде копродукција со Дубровничите летни гри. Основната идеја беше да го поставиме „Татковци и синови“ на Тургењев. Поради короната тоа се одложи, копродукцијата пропадна, а како што го замислував тоа дело во Дубровник, не можем само така да го пренесам во театар. И така сепак стигнавме до Чехов и „Вишновата градина“. Некое време се премислував, најпосле сепак одлучив да почнам со ова дело. И мило ми е што го сторив тоа. Многу ми беше интересно со оваа екипа, со овие актери. Истражував, читав и го откривав тој неверојатен писател. Дури сега ми е јасно зошто секој театар на светот, секој актер на светот, секој режисер – на сите им е важно на репертоар да го работат Чехов. Тоа е неверојатно познавање на општествтоо, на човекот, психологијата на човекот, а прикажано со таква неверојатна леснотија.

Театарскиот критичар Томислав Чадеж од „Јутарњи лист“ ја прогласи претставата за ремек-дело.
„,Вишновата градина’ е ремек дело на обмислената едноставност. Конечно видов комедија на Чехов што е режирана како комедија. Чехов кај нас речиси никогаш не поттикнувал смеење, така што и за мене е ова ново искуство. Сум гледал разни изведби на овој текст од средината на 90-ите години на минатиот век, а ниедна од тие претстави посебно не ме допрела. Сега, меѓутоа, се чувствував како да сум во некој нов свет, ама свет во кој сè ми е знајно/познато. Благородниците на Чехов, нивната придружба и нивните слуги – овде стануваат наши комшии, чиешто однесување и нè привлекува и нè забавува, ама, се разбира, и нè натажува сосема директно“, пишува Чадеж.

Тој вели дека сосема е доволна оваа претстава, таа е сето она што режимот на Путин не е: чесна, скромна, обмислена и топла, таа зборува сама за себе. Впрочем, така песимистично да пишува за рускиот менталитет и руската култура, Чехов – денес – во Русија би го забраниле. Накратко, да се игра ваков Чехов – или, Чехов да се игра вака – веќе само по себе станува отпор кон наративот на актуелната руска војна против комшијата.

Костимите, исто како и за неговиот „Идиот“ од пред десет години, ги креирала Дорис Кристиќ, три комплети, сосема класично и, би рекол, еднакво светски. Значи, впечатливите костими им се верни и на времето на драмското дејствие, но и на упатствата во дидаскалиите, а сета шивачка работа – некои педесетина костуми, палтенца, подздолништа, шалвари… – паднала врз грбот на одвај двајца мајстори шивачи, Дамир Бунтек и Сњежана Шолиќ.

Секој актер ја има точно определената задача: ликот да го изгради/формулира сосема „надворешно“, да го дотера секое движење, да го цизелира до трепката, а дури тогаш да го маркира/„исполни“ со емоцијата.

„Во режија на Иван Поповски и драматургија на Ивана Ѓула на сцената на ЗKM, ,Вишновата градина’ е комедија на таа добро координирана, удобна, детска и на посебен начин трогателно тврдоглава импотенција“, напиша критичарката Наташа Говедиќ од „Нови лист“.

– Градината секако е поставена како кожурец на самозаблуда за сите ликови, односно како нивно колективно лудило на мечтаење, наместо конкретна, практична грижа за дрвјата што некогаш го хранеле имотот. И покрај проблемите на оваа претстава, би можела да ја гледам уште неколку пати, бидејќи е богата со актерски поттекст и има потенцијал да прерасне во моќна претстава“.

Фасцинантниот крај на претставата сугерира и крај на еден свет, пишува „Вечерњи лист“. „Вишновата градина“ на Поповски  претставува почеток на театарот на апсурдот и голема ансамбл-претстава.
– Додека актерите играат, од чекорите се „читаат“ елементите на раскошните балови, граѓанското општество што ги гази благородниците, етно елементи… Сето тоа е склопено во целина Сето ова е споено во целина во која има навестување на хистерија, исто како на Титаник кога оркестарот свирел додека бродот тонел. Сцената, всушност прилично едноставна, освен помала платформа која го прикажува луксузот на благородничката куќа во Вишновата градина, ја дизајнираа Нина Бачун (од Оаза) и самиот Иван Поповски.

Костимографката Дорис Кристиќ најдобро ги „прочитала“ режисерките намери зашто во сретни моменти се облечени во црно, трагичните – во светли бои како да рефлектираат светло, а тие костими се меѓу најубавите што во последните години сме ги виделе на нашата театарска сцена. Сето тоа колку и да изгледа визуелно убаво и колку и да има слоеви самата приказна, би било само празна кутија без актерите кои овде се фино вкомпоноран инструмент. Сите до еден покажаа како се создава голема ансамбл претстава, чие ткиво е поставено врз фино нијансирана меѓуигра. Истакнати се женските улоги – Катарина Бистровиќ-Дарваш, Милица Манојловиќ, Дорис Шариќ-Кукуљица и младата Тина Орландини, како и Уго Корани, Филип Нола и Ракан Рушаидат.

Во интервју за „Вечерњи лист“, на прашањето колку на денешниот свет му е важен, дури и потребен суптилниот начин на кој Чехов се однесува кон своите ликови, неговото сочувство?

– Сочувство, милосрдие, разбирање… мир, добрина, топлина… токму на тие нешта, кои денес толку силно ни недостасуваат, Чехов постојано нè потсетува… Овој текст е тивка резигнација, помирување со светот низ солзите и со насмевка, беспомошно, бидејќи сè е посилно од нас и ништо – всушност – не можеме да сториме. Минатото го гледаме со насолзени очи, горчливо,  ама и со насмевка, некоја тивка нежност и тага…   А кон иднината ѕиркаме со надеж и верба, заборавајќи на сето она  кое – нели – треба да го викаме и да го живееме „денес“.  Така е и со таа чеховска градина, тој вишник. Кој може да е и нешто многу просто, некои дрвја, ама може да е и нешто ептен многузначно, бидејќи тие дрвја имаат минато, дури и иднина… Дрвјата не се единственото кое некогаш било и не смее да се загуби, неповратно, бидејќи со нив сè ќе се загуби и сето она кое не смееме да го загубиме, или, пак, она кое исчезнало и никогаш нема да се врати.  Или е тоа, можеби, средба на дребниот човечки свет исправен пред непрегледната сфера на космосот. Нашиот копнеж е да го доловиме тој однос, имено: начинот на кој вселената комуницира со онаа трошка на човечкото во нас. Можеби ова ви звучи премногу силно, ама јас Чехов го доживувам имено така. И, за крај, таа приказна дека Чехов бил среќен кога го нашол вистинскиот наслов, макар што тој тешко се преведува од руски. Имено, придавката има две варијанти: „вишнев“ – тоа е градина, сопственост, имот, нешто што носи и пари; ама, постои и варијантата „вишнов“ (со нагласка на долгото о) – тоа е градина со естетска компонента, градина која расте и цути заради очите на разгалените естети, градина како категорија на убавина. Во Чеховиот „Вишник“ не се губат само дрвјата и почвата од која тие растат, туку се губи и – убавината.

Фотографии: Загребачко казалиште младих/ Марко Ерцеговац

Сподели