Италијанскиот филм „Командант“ во режија на Едоардо ди Анџелис, вечерва ќе го отвори јубилејниот светски филмски фестивал во Венеција. Многу ѕвезди се најавени да дојдат на црвениот тепих, но и да ги промовираат своите филмови, и покрај штрајкот на филмските работници во Холивуд што трае веќе месец и половина.

Пјерфранческо Фавино ја игра главната улога во воениот филм на отворањето
На најстариот филмски фестивал во светот се очекуваат да дојдат Адам Драјвер, кој ќе го промовира филмот „Ферари“ на Мајкл Ман, во каде го игра легендата Енцо Ферари. Џесика Честејн, Мадс Микелсен, се исто така меѓу најавените гости, како и Кејли Спени и Џејкоб Елорди, кои ги глумат Присила и Елвис Присли во новиот филм „Присила“, како и самата Присила Присли.

Сцена од филмот „Присила“ на Софија Копола
Во Венеција се очекуваат Дејвид Финчер, Софија Копола, Ава Дуверни, Мајкл Ман, Јоргос Лантимос, Вуди Ален, како и иконата од Хонг Конг – Тони Леунг, кому ќе му биде доделена Награда за животно дело.
Македонија годинава, ќе го повтори својот лански успех, а тоа е да има свој филм во некоја од поважните програми, како што е „Хоризонти“. Минатата година премиера на оваа програма имаше „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска. А годинава таа на 6 септември ќе учествува во програмата „Денови на авторите“. Таа ќе се претсгави со својот краток филм „21 дена до крајот на светот“.

Бредли Купер го толкува Леонард Бернштјан во „Маестро“
На истиот ден, 6 септември, е закажана светската премиера на филмот „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски. Филмот ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, режија, најдобро сценарио и специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога. Филмот е на „Лист продукција“ од Скопје и е прво остварување со македонски мнозински удел. На премиерата ќе гостуваат сите продуценти на филмот, режисерот Столевски, дел од актерската екипа.
Дебитантскиот филм на Столевски „Нема да си сама“ (You Won’t be Alone) беше премиерно прикажан лани на фестивалот „Санденс“, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни“ (Of an Age) го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Мелбурн.
„Домаќинство за почетници“ е приказна за универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

„Домаќинство за почетници“ ќе ја има премиерата на 6 септември
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамарија Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ од 2007 година, на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од нашата земја. Во споредните улоги се нашите актерки Сара Климоска и Ајше Усеини, Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и во Варшава.
Македонски автори кои работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор и Горан Игњатовски – маскер. Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнер на звук.
Филмот е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Мадантс (Полска), Кинорама (Хрватска), Сенс Продукција (Србија), Индустриа Филм (Косово), Танго (Америка), Филм-и-Васт и Комон Граунд Пикчерс (Шведска), Козаверј Филм и Аделаида Филм Фестивал (Австралија). New Europe Film Sales од Полска ги има светските права за продажба на филмот.
Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петтте најзначајни фестивали во светот од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс. Ова е четврто претставување на македонски автор на овој фестивал, по „Пред дождот“ во 1994 и „Прашина“ во 2001 на Милчо Манчевски, „Судијата“ во 2002 на Жанета Вангели и „Најсреќниот човек на светот“ во 2022 на Теона Стругар Митевска.
Македонија ќе има уште едно учество на фестивалот, овојпат и со режисерката Тамара Котевска која ќе одржи свечен говор за филмови кои имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена и официјално ќе ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм The Walk на Филмскиот фестивал во Венеција. Таа е првата авторка од нашата земја поканета на ексклузивниот настан Lights camera impact што ќе се одржи на 1 септември во 19 часот.





