„Промоција на османлиски споменици на територија на Општина Гостивар“ е насловот на тековниот проект што се спроведува во Гостиварско. Целта на проектот е да се зголеми свеста кај локалното население за улогата и значењето на културнoто наследство од османлискиот период, негова промоција и афирмација.

Проектот го спроведува здружението „Полог-Гостивар“, почна кон крајот на март, а ќе трае до крајот на јули. Координатор е археологот и историчар Даниел Ѓорѓевски, а стручни соработници се историчарот и османолог, Васко Гичевски и историчарот на уметност и османолог, Ерсин Дико.

– Досега се документирани голем број податоци за историјата на Гостивар за време на доцната антика и раниот среден век. Констатирано е присуството на Аварите и Словените во текот на 6 век, на Норманите во текот на 11 век. Веројатно ја откривме и позицијата на средновековниот гостиварски манастир со кој управувал игуменот Данил во првите децении на 14 век – велат авторите на проектот.

Тие велат дека се открени документи во кои се говори за присуството на комити на територија на Гостивар. Успеале да стигнат до автентични фотографии од четата на Филип Трифунов Лулковски. Исто така се пронајдени автентични фотографии од библиотека која била во самиот центар на градот, амам, теќе кои денес не постојат.

Во рамки на проектот ќе биде изработена и научна публикација во која ќе бидат презентирани сите собрани податоци за историјата и материјалната култура на Гостивар пред и за време на османлиското владеење, прва по 1968 година кога за последен пат била издадена научна публикација од ваков карактер.

Насловна фотографија: Извори / „Илустрации Илинден“, Османски архив

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.