Секое четврто лице во Македонија ќе има над 65 години во 2050 година, а тоа за 14 отсто повеќе од денес. Само една третина од постарите луѓе во земјава сметаат дека нивното здравје е добро или многу добро. Тоа е значително пониско од просекот на Европската Унија.

Овие податоци ги објави Светската здравствена организација по повод Светскиот ден на хосписот и палијативната нега. Според Салија Љатиф-Петрушовска, директорка на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, сите луѓе, без оглед на приходите, видот на болеста или возраста, треба да имаат пристап до здравствени услуги, вклучително и палијативна нега.
– Само така се подобрува квалитетот на животот на пациентите и нивните семејства кои се соочуваат со предизвиците поврзани со животозагрозувачките болести – вели Љатиф-Петрушовска.

Населението во Македонија денес старее многу побрзо отколку во минатото, покажува истражувањето „Постарите лица и пристапот до интегрирана здравствена заштита фокусирана на луѓето во Северна Македонија“ објавено годинава. Според Џихан Тавила, претставничка на СЗО во земјава, на постарите луѓе им е потребна долгорочна, комплексна грижа од повеќе служби. За оптимална палијативна нега во земјата е потребна комбинација од политики за поддршка, овластени заедници, истражувања во областа на палијативната нега, пристап до основните лекови, силни системи за образование и обука за вработените и стручните лица за палијативна нега.

Фото: Pixabay

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.