Историјата на Теодосијанската палата во Стоби што ќе се конзервира со 300.000 долари

Објектот е поделен на два дела кои не се директно поврзани и поради тоа некои истражувачи сметаат дека се две посебни куќи

Со 300.000 американски долари ќе биде конзервирана Теодосијанската палата, најрепрезентативниот резиденцијален објект од 4 век на античкиот град Стоби кај Градско, соопшти Министерството за култура. Грантот го доделува американската филантропска организација „Џ. М. Каплан Фонд“. Проектот во наредните три години ќе го реализираат археолошкиот локалитет Стоби и фондацијата „Балканско наследство“ од Софија, Бугарија. Покрај заштита на објектот, ќе бидат спроведени и едукативни работилници за професионалци од областа на конзервацијата, археологијата и менаџментот со културно наследство. На ова поле Стоби и „Балканско наследство“ имаат повеќегодишна плодна соработка.

Теодосијанската палата е сместена во центарот на градот помеѓу улиците Via Principalis Superior и Via Principalis Inferior. Името го добила според императорот Теодосиј Први, кој се претпоставува дека престојувал во оваа палата кога го посетил Стоби во 388 година.

Фото: НУ „Стоби“

Објектот е поделен на два дела кои не се директно поврзани и поради тоа некои истражувачи сметаат дека се две посебни куќи. Јужниот дел се вика Куќа на Партениј, поради откриениот печат со натпис „На Партениј“. Сепак, доколку се земе предвид дека палатата не е комплетно истражена и дека многу веројатно и т.н. „Затвор“ припаѓа на комплексот, тогаш сето заедно може да се нарече Тедосијанска палата – пишува на интернет-страницата на Стоби.

Украсните склуптури денес се во Белград

Северниот дел е репрезентативниот сегмент на палатата. Околу голем отворен двор (перистил) опкружен со столбови, се распоредени неколку простории со мозаични подови. Коридорите околу дворот и внатрешноста на дворот, исто така се декорирани со мозаици. На крајот од перистилот е сместен базен над кој се издигнуваат ниши.

– Базенот бил ограден со плочи од црвеникав мермер, а во внатрешноста биле поставени мермерни постаменти. Постаментите и нишите биле украсени со скулптури. Во музејот во Белград се чуваат познатите бронзени сатири од Стоби, бронзени скулптури на Афродита, Аполон и Лар и мермерна глава на Серапис. Сите биле откриени во внатрешноста на базенот, каде се нашле по уривањето на палатата. Бронзените скулптури, како сатирите на пример, се од хеленистичко време – 2 век пред новата ера, додека палатата била изградена во 4 век – пишува во објаснувањето за објектот.

Фото: НУ „Стоби“

И јужниот дел од куќата има перистил околу кој се распоредени неколку простории. Две од нив имаат мозаични подови. Една од собите во овој дел од палатата служела како складишен простор и во неа се откриени десетина питоси – големи кермачки садови. Југозапaдно, до палатата има две засводени простории. Поради пронајдените скелети тие се наречени „Затвор. Некои од истражувачите овој простор го нарекуваат „визби“ и го сметаат за сегмент од стопанскиот дел на палатата. Палатата била урната во 5 век и подоцна нејзините ѕидови биле инкорпорирани во сиромашни куќарки изградени врз нејзините урнатини.

Во април почнуваат археолошко-истражувачките активности

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска завчера го посети Стоби. Таа се запозна со динамиката со која ќе се реализира значајниот проект кој е продолжение на соработка со американската фондација која лани обезбеди средства за изработка на Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби, прв документ од ваков вид во нашата држава. Директорот на локалитетот, Спасе Перовски информираше дека во април почнуваат археолошко-истражувачките активности. За Стоби, од годишната програма на Министерството за култура годинава се издвоени 9,4 милиони денари. Предвидено е да бидат реализирани 14 проекти, преку кои ќе се истражи, заштити, презентира и промовира еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори.

Бисера Костадиновска-Стојчевска и Спасе Перовски (десно) / Фото: Министерство за култура

Според Перовски, годинава стручните екипи ќе работат на неколку важни проекти на сегменти од Стоби, на Римскиот театар, на Старата епископска базилика. Ќе бидат изработени и основни проекти за конзервација и реставрација на движни наоди, а ќе биде набавена и опрема за потребите на конзерваторската лабораторија.

Перовски ја информираше министерката за другите меѓународни проекти на кои работат, меѓу кои е и грантот во рамки на ИПА-програмата за меѓугранична соработка со Килкис од Грција. Преку овој проект делумно ќе се обезбедат средства за Формирање на центар за посетители во старата железничка станица во Стоби, паркинг за посетители и поставување на фото-волтаични панели. Со грант од Европската Комисија, во рамки на Проектот за соработка и дисеминација преку имерзивно раскажување на културното наследство во Западен Балкан, ќе се понуди ново туристичко искуство на локалитетот.

Фото: Министерство за култура

Костадиновска-Стојчевска имаше увид во вклучувањето на модерните технологии во презентација на културното наследство и самата ја погледна апликацијата која овозможува виртуелно патување во минатото на Стоби и доживување на гладијаторските перформанси кои се одвивале на овој локалитет. Апликацијата ја изработи „БЛИНК 42-21“, во соработка со Стоби и се најде на листата на најдобри иновации на глобално ниво за 2021.

(В.И.И.)

Сподели