Искра Гешоска го доби медалот Гете што го доделува Германија

Историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешовска е една од трите добитнички на медалот Гете 2024 година, соопшти Гете институтот. Медалот е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство, а го добија и литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле. Наградата ќе им биде врачена во Вајмар на 28 август годинава, на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).

Според жирито, Гешоска е наградена поради создавање важни платформи за независната културна сцена во нашата земја. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави.

– Токму во време на различни кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките – веливо своето соопштение претседателката на Гете институтот, Карола Ленц.

Гете институтот го доделува медалот еднаш годишно од 1995 година како официјално одликување на Германија. Со медалот се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена. Меѓу претходните носители се вбројуваат Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел односно Џон ле Каре, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Аријане Мнукин.

Сподели