Исфрлувањето на фундаменталните науки значи вовед во образование без знаење и вештини, децидни просветните работници од Куманово

Наставниците од основните училишта во Куманово, на наставничките совети во рамки на своите колективи, а по претходно искуство со применета нова концепција во одделенска настава, едногласно се изјаснија против новата концепција за основно образование и ги повикуваат колегите од цела земја да го сторат истото

Просветните работници на град Куманово ги повикуваат наставниците во основните и средни училишта во државата темелно да ја анализираат новата концепција за основно образование која годинава треба да почне да се спроведува и во предметна настава. За нив, новата концепција е целосно неприфатлива. Кумановските просветни работници ги повикуваат надлежните од Министерството за образование и наука веднаш да ја стопираат и се подготвени да работат по старите наставни планови и програми. Во своето обраќање до јавноста, тие објаснуваат што поточно подразбира новата концепција во предметната настава.

– Во наставните планови од шесто до деветто одделение, се исфрлаат наставните предмети: историја, географија, физика, хемија, биологија, а наместо овие, учениците ќе изучуваат нови два наставни предмети: Природни науки и Историја и општество. Во рамки на наставната програма по Природни науки, опфатени се дел од содржини од наведените наставни предмети што се укинуваат. Наставата во една учебна година треба да ја предаваат тројца наставници, секој од своето научно подрачје, а вреднувањето на постигнувањата на учениците и годишната оценка ќе биде математички просек од трите поединечни оценки – објаснуваат од Здружението на просветните работници на град Куманово.

Историја и општество, според новата концепција, опфаќа дел од наставни содржини од предметите: историја, географија и граѓанско образование, кои повеќе нема да бидат дел од наставните планови.

– Така, во програмата за шесто одделение, децата по овој нов предмет ќе учат за старите цивилизации, за ориентација во простор и за закони.

Наставната програма по предметот Македонски јазик за VI одделение, предвидува целосно исфрлување на делот историја на јазик и улогата на словенските просветители Св. Кирил и Методиј во создавање на словенската писменост и првото словенско писмо. Според новата концепција за основно образование, наместо наставните предмети Информатика и Техничко образование, учениците ќе изучуваат нов наставен предмет – Техничко образование и информатика, со намален број на часови и наставни содржини.

Наставниците од Куманово ги повикуваат сите наставнички колективи да се произнесат за истата.

– Наставниците од основните училишта во Куманово, на наставничките совети во рамки на своите колективи, а по претходно искуство со применета нова концепција во одделенска настава, едногласно се изјаснија против новата концепција за основно образование. Исфрлувањето на фундаменталните науки од образованието, значи вовед во образование без знаење, способности и вештини, неопходни за живот во новиот милениум. Образовен систем без физика, хемија, биологија, географија и историја, поточно систем во кој во два наставни предмети се спојуваат мал дел научни вистини од горенаведените науки, не може да биде силен и не може да произведе квалитет. Тоа го докажуваат нашите ученици кои по заминување на странските универзитети постигнуваат врвни резултати – велат наставниците.

Исфрлувањето на историскиот дел од македонскиот јазик од наставната програма за шесто одделение, е недозволиво. Јазикот е идентитетско обележје на секој народ и никој нема право да го исфрла од наставната програма она што ја дефинира македонската нација, особено ако и самата експертска комисија која учествувала во изградба на новата концепција дала строги препораки историскиот дел да остане во наставната програма за VI одделение. Кој тоа сам исфрла историја? – прашуваат просветните работници од Куманово.

Наставниците од Куманово апелираат до надлежните да работат на јакнење на воспитната улога на училиштето, да се врати угледот на наставниците во општеството и да се гради амбиент во кој се создаваат и негуваат вистинските морални и етички вредности.

– Од суштинска важност е надлежните да испечатат учебници за секој наставен предмет и за секој ученик во основното и средно образование да создадат подобри услови за настава во училиштата, посилна поддршка на учениците и вработување на педагог, психолог, логопед, дефектолог и образовни асистенти за помош во работа со деца со попреченост во развојот во секое едно училиште. Во недостиг на просторни услови, најголемиот дел училишта во земјава работат во две смени, без училишни кујни, недоволно опремени кабинети, библиотеки со читална, фискултурни сали, новата концепција е реално неостварлива. Уште повеќе, во својата суштина, таа води кон слабеење на образовниот систем – додаваат тие.

Просветните работници од Куманово ги повикуваат синдикатите да преземат одговорност за враќање на достоинството на наставниците, да ја оправдаат улогата која ја имаат пред своето членство и заедно со наставниците да се изборат за подобар статус на учителот, подобро образование за идните генерации, за подобра иднина и поправедно општество.

Сеопфатното сексуално образование, согласно новата концепција, треба да е дел од наставните планови и програми од најрана возраст во основното образование. Дури има препорака за продлабочување на знаење од истиот предмет за учениците од четврто одделение (деветгодишна возраст) како можност за изборен предмет.

-Наставниците јасно укажуваат дека сексуалното образование не може и не смее да биде дел од наставните програми до осмо одделение во кое учениците по предметот Биологија и до сега изучуваа за заштита од полово преносливи болести. Училиштето не смее да биде место за промоција на сексот, видови љубов и сé што како задача за воспитување му припаѓа на семејството како основна клетка во општеството – категорични се тие.

Во средните стручни училишта е намален бројот на часови по англиски јазик од три на два часа седмично, додека во гимназиите се изучува со три часа седмично, со што учениците од средните стручни училишта при полагање на државната матура се во подредена положба од учениците во гимназиите.

Сподели