„Интервали“ – изложбата на Татјана Винона Јонеска во Прилеп

„Интервали“ е насловот на изложбата од Татјана Винона Јонеска што ќе биде отворена на вечерва во 19.30 часот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ова е втора самостојна изложба на Јонеска во родниот Прилеп, а ги истражува лиминалните простори меѓу моментите.

– Преку динамичен спој на дела од хартија, слики, инсталација и видео, оваа мултидисциплинарна изложба се стреми да понуди подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. „Интервали“ отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција – вели уметницата.

Татјана Винона Јонеска живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност / Royal College of Art London, во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност со почести од 1-вa класa.

Сподели