Комбинираните истражувања од областа на англистиката и други академски дисциплини беа во фокусот на третата меѓународната конференција „Студии по англистика – интердисциплинарност во истражувањата и практиката“ (ЕСИДРП 2022)

Јазикот како когнитивен, општествен и културен концепт служи како средство за изразување на мисли и идеи со кои може да се решат многу реални проблеми и да се направат значајни општествени промени. За поквалитетени решенија и општ општествен прогрес, науката за јазикот тесно соработува со други науки како психологијата, социологијата, економијата, политиката, вели д-р Зорица Трајкова-Стрезовска, вонреден професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа беше претседател на Организацискиот одбор на третата меѓународната конференција „Студии по англистика – интердисциплинарност во истражувањата и практиката“ (ЕСИДРП 2022) која се одржа на 8. и 9. април.

Д-р Зорица Трајкова-Стрезовска

Што беше во фокусот на годинашното издание на меѓународната конференција?

– Исто како и на првите две ЕСИДРП конференции во 2016 и 2019, и на третата конференција, што се одржа на годинава, фокусот беше на интердисциплинарноста, осносно претставување на комбинирани истражувања од областа на англистиката и други академски дисциплини. Јазикот како когнитивен, општествен и културен концепт служи како средство за изразување на мисли и идеи со кои може да се решат многу реални проблеми и да се направат значајни општествени промени. За поквалитетени решенија и општ општествен прогрес, науката за јазикот тесно соработува со други науки како психологијата, социологијата, економијата, политиката итн. Во изминативе две години, кога целото човештво беше исправено пред огромен предизвик, изолираноста и работата онлајн ги мотивираше научниците од различни научни области да излезат од строгите рамки на својата дисциплина и да соработуваат со научници кои истражуваат во други дисциплини, дури и со оние кои работат во навидум сосема некомпатибилни области за подобро да ја разберат новонастанатата ситуација во светот и да понудат решенија за многу проблеми. Интердисциплинарните истражувања не само што се важни, туку се и неопходни за иновативност и прогрес во светот.

Оваа конференција се одржа онлајн, за разлика од првите две. Каква е разликата, со кои предизвици се соочивте?

– Заради ограниченоста и мерките при патување во пандемија, одлучивме оваа конференција да ја одржиме онлајн. Тоа имаше предности, но и предизвици. За среќа, бидејќи онлајн, учествуваа многумина истакнати колеги-научници од други земји. Поканивме петмина пленарни говорници што во нормални услови не можеме да си го дозволиме од финансиски причини. Но, од друга страна стравот од технички проблеми постоеше константно.

Вклучувањето на конференцијата беше исклучиво со покани на zoom events платформата, на која беше поместена програмата со влез за секоја поединечна сесија и која беше персонализирана со информации за конференцијата и учесниците. Освен веб-страницата, креиравме и фејсбук-страница која постојано беше освежувана со релевантни информации. Огромна благодарност до целиот Организациски одбор, моите колеги, кои посветено работеа на секој аспект и придонесоа да имаме квалитетна и успешна конференција: д-р Мира Беќар, д-р Наташа Стојановска- Илиевска, д-р Милан Дамјановски, д-р Калина Малеска, д-р Елена Ончевска Агер, д-р Румена Бужаровска, д-р Анастазија Киркова-Наскова, м-р Ивана Дуцкиноска-Михајловска, м-р Маја Јошевска-Петрушевска, Ајнур Касо.

Своите истражувања ги претставија стотина учесници од 15 земји. Во поглед на интердисциплинарноста, што од нив реално може да се примени во нашето високо образование кое генерално не се темели на интердисциплинарност?

– На конференцијата учествуваа стотина учесници од разни академски средини во светот, кои во фокусот и целта на своите истражувања имаа комбинирано некој аспект од англистиката како наука (лингвистика, литература, превод или настава) и некоја друга дисцилина. За да се изгради еден сестрано-образован академски профил во високото образование исклучително е важно да им се овозможи простор на студентите да излезат од строгите рамки на академската дисциплина која е во фокус на нивното студирање и пристап до други дисциплини. Така ќе ги проучат феномените во светот подлабоко, посуштински и посеопфатно.

Во други академски средини, особено во САД и Западна Европа, на студентите им се нуди можност да бираат предмети од други студиски групи и програми. Тоа придонесува за проширување на видикот и отворање на перспективи за посестран пристап кон секој животен предизвик. Би било добро при новите акредитации им се остави простор и слобода на студентите да избираат предмети и од други студиски програми и групи, а академскиот кадар да се поттикне на покреативни интердисциплинарни истражувања, кои ќе дадат нова перспектива на анализираните концепти.

Зошто овие конференции се битни особено за нашите експерти од областите на лингвистиката, преведувањето, книжевноста…?

– Тие се од исклучително значење за нашите експерти, пред сè затоа што нудат можност за запознавање со работата на други експерти и за споделување на резултати и сознанија од многу креативни научни истражувања. На оваа конференција имаше пет пленарни предавања и бројни презентации од колеги од реномирани светски универзитети – познати имиња во научната јавност по тоа што дале значаен придонес за развој на научната мисла преку комбинација на своите истражувања од областа на лингвитиката, преводот, книжевноста и наставата со други научни дисциплини.

Верувам дека учесниците на оваа конференција, како и гостите посетители, меѓу кои имаше и доста студенти, се мотивираа да имаат секогаш отворено, љубопитно научно око и да бидат похрабри во пристапот кон научните проблематики. Сигурна сум дека конференцијата иницираше и соработка помеѓу наши и колеги кои работат на други универзитети во земјава и странство.

По ЕСИДРП 2019 и 2016 беа објавени зборници на трудови. Што е предвидено по годинашната конференција?

– И по оваа конференција во план е да се објави зборник на трудови поднесени од учесниците и ќе бидат рецензирани од меѓународен научен одбор. Воедно, организацискиот одбор на ЕСИДРП 2022 одлучи селектирани трудови оценети како најквалитетни, да бидат објавени во специјално издание на „Современа Филологија“, Journal of Contemporary Philology,  меѓународното електронско списание на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, индексирано во MLA, DOAJ, Google Scholar, ProQuest, ERIH PLUS, Index Copernicus, WorldCat, LIBRIS, BASE, OpenAIRE, Brill’s Linguistic Bibliography и Linguist List. Сметаме дека ова од една страна ќе даде поттик за пишување поквалитетни научни трудови, но и ќе придонесе за популаризирање на ова научно списание на Филолошкиот факултет помеѓу колегите од други земји.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.