„Интерарт“ дел од проектот Moving Balkans – можност за поврзување на младите танцови сили

Интерарт културниот центар во соработка со 11 партнери од поширокиот регион го започна проектот Moving Balkans како платформа за современ танц, која има за цел да ги обедини и поврзе младите танцови сили од Балканот. Овој проект е поддржан од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“ и во него се обединети центри што се бават со танц, и тоа Артлинк фондација од Софија, која е и носител на проектот; Студентскиот културен центар од Нови Сад; Ен-Кнап, Центар за урбана култура „Кино Шишка“ и Словеначката асоцијација на современи танчери од Љубљана; Хрватски институт за движење и танц од Загреб и Хрватски културен центар од Ријека; „Албански танцови средби“ од Тиран; Танцов културен центар „Унитива“ од Атина; Националниот центар за танц од Букурешт.

Во моментов во Скопје се пристигнати 22 танчери од земјите-учеснички, кои заедно со македонските танчери, од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, во рамки на јубилејното издание на Танц Фест Скопје, ќе работат со професорите Џоан ван дер Маст од Кралскиот конзерваториум од Хаг, Холандија, Џорџа Д’Амико, танчерка, кореографка и професорка од Италија, која моментално живее во Цирих, Швајцарија и проф. д-р Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија при УГД.

На работилниците како гостин-корепетитор учествува и реномираниот музичар и член на Националниот ансамбл „Танец“, Ратко Даутовски, кој на перкусионистички инструменти ги придружува танчерите и создава извонредна атмосфера.

Работилниците опфаќаат изучување на современа танцова техника со професорката Џорџија Д’Амико, Лабан анализа на движење со професорката Џоана ван дер Маст и Креативен процес на создавање кореографија и интерпретација со професорката Рисима Рисимкин. Учесниците се обединуваат во заедничка лабораторија во која учат, истражуваат и споделуваат,

Проектот Moving Balkans ќе се одржува во следните три години и младите уметници од областа на танцот ќе имаат можност да учествуваат во различни настани, како ко-продукции, фестивали и работилници, со цел да се оформат, зајакнат и развиваат конекциите за да се подигне нивото на развој на современито танц во целиот регион.

На веб страната на платформата Moving Balkans објавен е Отворен повик, на кој ќе бидат избрани 10 современи танцови кореографии, кои ќе бидат претставени на првото издание на „Moving Balkans Contemporary Dance Showcase“ што ќе се одржи во Љубљана, Словенија; Ријека и Загреб, Хрватска, помеѓу 10 и 13 мај, 2025 година.

Фестивалот ќе ги прикаже продукциите од балканскиот регион и ќе понуди можности за средба, размена на идеи, интеракција со публиката и професионалците од областа на танцот, како и можност да се биде дел од новата уметничка мрежа. Moving Balkans Contemporary Dance Platform е нова динамична соработка на танцови професионалци од целиот Балкан. Мисијата на платформата е да го подигне современиот танц во регионот и да го позиционира конкурентно во Европа. Преку регионална партнерска мрежа, изложби, иницијативи за мобилност на уметници, работилници, ко-креации и активности за градење капацитети, има за цел да ги зајакне професионалците за танц и ја подигне свеста за енергичната танцова сцена на Балканот.

Сподели