Инсталацијата од 907.000 кожурци од свилена буба и 700 стаорци конечно пред македонската публика

Проектот Silentio Pathologia со кој Елпида Хаџи-Василева ја претставуваше Македонија на престижното Венециско биенале за ликовна уметност во 2013 година задутре во 20 часот ќе биде изложен во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје

Составена од 907.000 кожурци од свилена буба, 700 кожи од албино стаорци и црна свила, сите заедно вклопени во еден лавиринт, македонската публика неделава ќе има можност да види уметничка инсталација од светски ранг. Проектот Silentio Pathologia со кој уметницата Елпида Хаџи-Василева ја претставуваше Македонија на престижното Венециско биенале за ликовна уметност во 2013 година, задутре во 20 часот ќе биде изложен во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Поставена на катот на галеријата, инсталацијата е дел од комплексниот проект „Допирот – Идни екологии“, која Националната галерија го реализира во соработка со Британскиот совет и „Лукс“. Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија која го курураше и проектот на Хаџи-Василева во Венеција.

Елпида Хаџи-Василева / Фото: Корнелија Конеска

Процесот на создавање на едно уметничко дело отскогаш бил во фокусот на уметноста на Хаџи-Василева. Таа поаѓаа од суштината од каде почнува да ја гради идејата и делото. Во случајот со Silentio Pathologia истражувала како чумата се движела од Исток кон Запад – од Венеција, каде чумата нападнала во 12, 14 и крајот на 16 век, се шири и влегува во Англија како последна точка. Во инсталацијата, низ метафора, прикажува четири слоја – живот, војна, болест, смрт.

Хаџи-Василева долго време живее и работи во Англија. Дипломирала на Уметничката школа во Глазгов, а магистрирала на Кралскиот колеџ во Лондон. Во интервјуто за Умно.мк разговараме за нејзината работа, за изложбата во Венеција и како таа се одрази на нејзината кариера, за актуелните проекти на кои работи.

По Брегзит и појавата на ковид-19, како е да се живее и работи во Англија, особено за уметниците што не се родени таму?

Добро е, не можам да се жалам. Работам на голем и комплексен проект со една британска фондација кој ќе трае до април в година. Полека животот се враќа во нормала. Има многу промени по Брегзит и со ковид-19, се надевам ќе се стабилизира. Сега нештата во Англија ќе бидат слични како состојбата со Македонија. Секако ќе треба да се менува начинот на работа, транспорт на дела, сè ќе биде покомплицирано. Разгледувам и опција тука да ја преместам својата работилницата, па половина година да бидам тука, половина таму. Интересно е, со ковидот сите сфативме дека веќе нема врска каде се наоѓаш. Бидејќи веќе имам контакти во цел свет, не е важно каде сум, само да биде лесен транспортот на делата. Тоа треба да го истражам во Македонија. Бидејќи работам на неколку проекти, можам тука да си формирам и тим на постојани соработници.

Пред осум години голем дел од проектот беше создаден во Вашата семејна куќа во Кавадарци. Го ангажиравте цело семејство да ги ниже кожурците од свилени буби, создавањето на делото беше своевиден перформанс. Каде беше инсталацијата сиве овие години?

– Осум години беше во моето студио, каде што го правевме. Беше спакувано во кутии, на сув простор, со заштита против молци, зашто материјалот е сепак свила која молецот ја напаѓа. Во кутиите имав ставено лаванда, препарати против молци и кај глувчешките кожи цела кутија беше полна со оние топчиња против молци. Важно е само да не биде на влага, само тоа може да го оштети.

Во каква состојба е делото денес?

Делото старее и се менува. Бојата е малку сменета, но тоа е процес на делото, таква и беше целата идеја. Како што нашата природна кожа стрее, се менува и деградира, така и ова. Но, не се распаѓа, бидејќи добро е чувано. Самата деградација на бубата внатре во кожурецот ја менува неговата боја, мене тоа ми е многу интересно. Гледачите тоа не го забележуваат, но кога ќе видат црвена боја и кога ќе им кажам дека е декомпозиција на бубата внатре во кожурецот, дури некои се згрозуваат. Верувам дека бубата е мумифицирана внатре и веќе нема да има промени на делото. Единствено промени може да се случат ако не се чува добро, ако има влага во просторот.

Беше ли тоа првичната идеја, делото да продолжи да живее и по излагањето?

– Да, делото продолжува да живее, иако е спакувано во кутии. На пример кафезите беа посебно чувани во кутии кај мене во подрумот и веќе се рустични, металот е ‘рѓосан на некои места. Тука не е металната конструкцијата што ја имавме во Венеција, бидејќи невозможно беше да се постави во „Мала станица“. Со Ана одлучивме да ги поставиме само меките елементи. Ги сменив деловите на поставката. Физичкиот ѕид на галеријата е тврдиот елемент, како заштитна школка, а внатрешниот дел на галеријата се меките елементи. Го сменив распоредот поради боите и нијансите – црната свила е надвор, па кожурците се внатре, па после се кожите. Бидејќи се бели ѕидовите, избегнавме да ги боиме темни за да добиеме контраст. Лавиринтот си постои, има еден влез и еден излез, движењето е исто, само обликот на делото е променет зашто просторот тука е поинаков од тој во Вненеција. Бев малку скептична како ќе биде, прилагодено на овој простор, но излезе интересно. Изгледа феноменално, задоволна сум многу.

Беше ли некаде изложен проектот во меѓувреме?

– Имаше две институции што сакаа да го изложат, но многу беше преголем трошокот да се пренесе од тука во странство. Така, ова е прва изложба по Венециското биенале.

И пред Венециското биенале во 2013 имавте меѓународна кариера. Како влијаеше изложбата на Вашиот понатамошниот развој?

– Во 2015 година повторно учествував на Венециското биенале, во павилјонот на Ватикан. Директорката на Музејот на современата уметност на Ватикан ја посетила Silentio Pathologia се вљубила во моето дело и ме покани да го претставувам Ватикан во 2015 година. Оттука тргнаа многу соработки. И до ден денес двете изложби многу ми значат и за мене се еднакво важни. Да имаш во сиви две учества на Венециско биенале ми е како една отскочна штица. Каде и да аплицирам, да побарам финансии, проекти, многу значи да го имаш во биографијата.

Каде е најдобро да се чуваат вакви монументални дела?

– Со Ана сме се обиделе да аплицираме во Министерството за култура за да го откупат делото во Националната галерија, но тогаш не добивме поддршка. Би сакала Националата галерија на Македонија или Музјеот на современата уметност да го земат делото во колекција. Ова е сепак многу претставително дело за Македонија. Јас каде и да одам во светот, секогаш ќе бидам Македонка. Јас не можам да бидам Англичанка. И ова дело треба да остане во колекција во Македонија. Би сакала само да имам пристап до него. Деновиве разговарав со директорките на НГМ и на МСУ за можноста една од овие институции да го преземе во својата колекција, па ако некогаш некоја светска институција сака да го изложи, тие да можат од тука да го праќаат како институционална соработка. Тоа е најдобро решение и за мене и за делото. Но, да да се чува, негува и презентира. Не да влезе во депо и таму да остане. Делото е многу флексибилно. Секој елемент може да се прилагоди. Не е едноставно како инсталација, но не е ни толку комплексно. За една недела го поставивме. Со добри луѓе кои знаат што прават може многу лесно да се прилагоди.

Што Ви е фокус на интерес периодов?

– Медицината, науката, истражувачите многу ме интересираат. Соработувам со нив, со медицински инстутути. Вирусот многу ме интересира, како тој напаѓа, што се случува. На оваа тема работам во Брајтон, на еден огромен проект. Се работи за брестови. Нападнати се од вирус и во цела Европа не можат да ги одржат, да ги сочуваат дрвјата. Ги напаѓа и ги уништува комплетно. Јас работам на дрво старо 450 години. Такви цртежи има на него, направени се од бубачката што го јаде. Се обидуваме да го заштитиме. Сето тоа многу ме интересира, како да презервираш, конзервираш нешто што е толку години старо и многу важно за историјата на земјата и на природата. Вирусот не го напаѓа само човекот, туку и растителниот свет. Околу овие нешта се вртам постојано, тоа се нештата што ме интересираат во моите долготрајни истражувања.

На друг проект работам со двајца професори, доктори. Едниот од нив е доктор по медицина, а специјализиација му се бактерии, вируси и добра исхрана. Истражувам како може преку добра исхрана да се победат сите болести и да се решат многу проблеми.

Фото: Национална галерија на Македонија

Сподели