Во центарот на Кавадарци поставена е скулптуралната инсталација „Грозд“ од уметницата Маја Танева. Изработена од иноксни нерѓосувачки челични нитки и поставена на постамент од бел мермер, инсталацијата е посветена на грозјето и лозарите од Тиквешкиот Регион.
– Без нив не би можеле да ги вкусиме прекрасните вкусови на најдобрите македонски вина ниту да ги засилиме и замислиме радоста, љубовта, тагата или болката кои најчесто се залиени со тиквешките вина и ракија. Скулптурата е посветена на сите оние кои грижливо ги чуваат традициите на одгледувањето винова лоза наследени од предците, оставајќи ги аманетите и тајните на лозарството на наредните генерации – велат организаторите од Центарот за современи уметности од Скопје.
Маја Танева е родена во Скопје, во 1984 година. Дипломирала и магистрирала на Академијата за ликовни уметности во Софија, Бугарија, одсек скулптура. Покрај стекнатото искуство во бронза и камен, експериментира, истражува и работи на нови и различни материјали за моделирање на нејзините скулптури. Нејзините уметнички дела се во приватни колекции низ целиот свет.
Скулптуралната инсталација e финансиски поддржана од Министерството за култура, а логистички поддржана од Општина Кавадарци.





