„Све ли ја да мислам?!“ е насловот на стендап-турнејата што актерот Бојан Велевски ја најавува за есенва. Дебито ќе биде на 13 септември во Прилеп, а ќе заврши со настапот во Скопје на 18 ноември во „Станица 26“.
– Оваа турнеја ја правам пред сѐ за сцената. Како што тоа изминатиов период го направија ДНК, Некст Тајм и Дарио, време е и комичарите да почнат да прават големи работи, а не само мали настани за 60-70 луѓе секој втора недела. Затоа и ја барам поддршката од уметниците и општо сцената во Македонија. Да го свртиме вниманието кон стендап-сцената, која треба да е коректив во реално време на општеството – истакна Велевски.
Сценариото на турнејата е на Божидар Божиновски, кој вели дека инспирација има насекаде околу нас, „дури и во поголеми количини отколку што можат да се опфатат во час и нешто“.
– Има инспирација до пензија да се пишуваат стендапи и после на децата да остане ко дуќанче. Со години чекам денови каде што ќе нема инспирација и ќе треба да се мисли на тапети или пердиња или со што и да се преокупираат оние што живеат во нормални општества. Опфатено е секојдневие, она што сме ние, она како сите ги гледаме другите и како другите нѐ гледаат нас, запознавање на природа и општество за повисоките одделенија – истакна Божиновски на промоцијата на турнејата.
Актерот Бојан Велевски веќе неколку години е дел од „Лолипоп ентертеинмент груп“, одговорна за кариерата на многу домашни големи артисти.
– Соработката ја почнавме за време на пандемијата во 2020 година, кога органзиравме неколку лајв шоуа. На почетокот беше тешко да се променат старите навики како и да се добие довербата дека некој искрено работи на неговата кариера, но после првите нови чекори и осознавањето на целосната слика јасно ги увиде своите мани и лесно понатаму ги претвори во успешна голема приказна – вели менаџерот Јане Јанев.